Фото: Маја Јаневска-Илиева

 Со оглед на тоа што поделбата меѓу новите и развиените економии се намалува со навидум побрза стапка од кога било досега, ова треба да се сфати како интересна можност за сите инвеститори од државава што планираат долгорочно

Инвестирањето на нови пазари и економиите во развој може да го зголеми растот на бруто-домашниот производ во нашата земја. Според неодамнешната прогноза на Стандард чардерд, мултинационална банка со седиште во Лондон, денешните пазари во развој претставуваат идни лидери. Банката гледа дека економиите во развој, како Индонезија, Турција, Бразил и Египет, се движат нагоре и се проценува дека до 2030 година седум од најголемите десет економии во светот, според БДП, ќе бидат лоцирани на пазарите во развој. Ако се земат споредбите и податоците на ММФ за бруто-домашниот производ пред пандемијата, според прогнозата, најголемото изненадување на списокот е Египет, земја што според Стандард чардерд расте со огромно темпо во оваа временска рамка.
– Можеби ова ја прави ваквата проекција многу амбициозна, особено имајќи предвид дека организациите како ММФ гледаат дека Египет просечно се приближува до 8 отсто од годишниот раст на БДП во текот на следните неколку години. Покрај Египет, веројатно е дека напредувањето на пазарите во развој ќе продолжи да биде тема во идните проекции од други банки и меѓународни организации. До 2030 година, Индија ќе биде втора по големина економија според многу различни модели – и дотогаш таа ќе биде и најнаселена земја во светот. Се очекува да ја надмине и Кина во 2026 година – велат од Стопанската комора на Македонија.

Оттаму нагласуваат дека со оглед на тоа што поделбата меѓу новите и развиените економии се намалува со навидум побрза стапка од кога било досега, ова треба да се сфати како интересна можност за сите инвеститори што планираат долгорочно.
Како што вели Калин Бабушку, управител и сопственик на „Македонија експорт“, во последниов период има мало поместување кај развојот на светските економии и овие економии одамна итаат да стигнат кон врвот и да им се приклучат на десетте големи светски економии.
– Но се случуваат ембарга, санкции, криптовалути, војни, пандемии, присвојувања што влијаат на тоа кои земји во тој период ќе бидат во десетте најголеми економии. Ние сме мала земја и сме многу зависни од ЕУ и пазарите околу ЕУ, поради тоа и не гледам некоја голема можност за нашите фирми за развој во тие земји. Секако, не би сакал да ги исклучам поединечните успеси на некои фирми и нивните брендови во земјите во брз развој, но сето тоа е на индивидуална база или соработка со други мултинационални компании – објаснува Бабушку.
Од друга страна, пак, тој додава дека нашата држава треба да ги развие политичката и економската дипломатија, па, така, во земјите каде што ни е потребна политика да се развива политичката дипломатија, а, пак, во овие земји, да се развива економската дипломатија.

– Кај нас некако работите се прават едно по едно, што не е лошо, но понекогаш е потребно и преклопување. Одамна зборувам дека се потребни политичка и економска дипломатија со Турција, Египет, КСА, кои би ги користеле како централна точка за зајакнување, прво на односите во земјата во која имаме дипломатско претставништво, па потоа се опфаќаат и околните земји. Па, така, Турција може да биде излез кон Азија, КСА кон арапскиот свет, Египет кон Северна Африка. Секако, тука треба на помош да се приклучат и стопанските комори, кои со своите деловни врски ќе придонесат во зајакнување на односите со овие земји – смета Бабушку.
Според него, мора да се направат приоритети и да се донесе заеднички консензус кои се приоритетите на државава во наредниве 20 години.
Универзитетскиот професор Зоран Ивановски вели дека за мала и отворена економија како што е нашата, главната стратегија за економски развој треба да биде насочена кон излегување и освојување нови пазари.
– Во тој контекст секогаш стануваат интересни оние пазари што се надвор од нашите традиционални пазари, т.е. пазарите на Европската Унија. Инаку, имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓа нашата држава, ниту надвор ниту внатре од ЕУ, како и постојаната желба за членство во Унијата, сметам дека е добро да се размисли, особено кај носителите на економската политика, Владата и министерствата, да се креира соодветна стратегија за помош на настап на овие растечки пазари – истакнува Ивановски.

Тој додава дека државата треба да даде свој придонес за помош за влез на македонските компании на тие пазари, велејќи дека европскиот пазар останува доста затворен за нас, дезертификација на компаниите и освојување на овие пазари се вистинска алтернатива и шанса за успешен раст на економијата.
– И покрај наведените земји, би ги истакнал и помалите земји што имаат исклучително високи стапки на раст, на пример виетнамската и камбоџанската економија, кои се едни од најбрзорастечките економии. Уште во 2008 година, кога се појави кризата, посочив дека алтернатива за излез од потенцијална криза е излезот на македонските компании на тие пазари. Наедно, сметам дека за да ги освоиме овие пазари, треба да се насочиме само кон она што ни се компаративни предности со другите земји. Нашите традиционални предности како земја се земјоделското производство, храна, ИТ-индустријата, како и секторот на услуги и образованието – истакнува Ивановски.