Фото: Игор Бансколиев

Пазарите во соседството може да бидат клучни за нашиот извоз и ние мора да се потрудиме што е можно подобро и со повеќе производи и фирми извозници да бидеме присутни на овие пазари, укажуваат анализите на стопанските комори

Освојувањето на пазарите од соседството
е шанса за раст на извозот

Извозната ориентираност на македонската економија е еден од предусловите што можат да го динамизираат економскиот раст. Како мала и отворена економија, еден од начините за успех на компаниите, а оттаму и за подобра заработка и повисоки плати за вработените, е и растот на приливите по основа на извозот на домашните продукти. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека од почетокот на годината имаме раст на извозот од 26,3 отсто, но тоа е само во споредба со истиот период минатата година, која беше катастрофална. Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – септември 2021 година, изнесува 315.853.724 илјади денари. Сепак, во исто време и вредноста на увезената стока во споменатиот период бележи раст од 30,4 проценти (повторно, во споредба со истиот период минатата година!).
Се забележува дека нашата земја најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и со Кина. Низ годините меѓу првите пет земји со кои се одвива најголем дел од трговската размена биле и Италија и Бугарија, но доминантно учество во надворешнотрговската размена има Германија.

Неопходност од познавање на преференциите и потребите на пазарите во соседството

Ваквата поставеност на извозната ориентираност на македонските компании го наметнува прашањето дали има простор за поголем извоз и поголема трговска соработка со соседните земји. Колку блискоста на соседите може да биде предност за освојување на тамошните пазари и кои се недостатоците или кочниците за поголем пласман на македонските производи кај соседите?
Преставниците на коморите посочуваат дека за поголем пласман или поголем извоз не е битно само каде се извезува, туку што се извезува и дали нашите домашни компании се способни да одговорат на потребите на различните пазари.
– Кај нас постои консензус дека, генерално, приоритет на економската политика мора да биде определбата за проширување и унапредување на производството наменето за извоз. Податоците говорат дека извозот од нашата држава е концентриран само во неколку земји, а во однос на земјите од соседството во 2020 година, најголем е извозот во Бугарија, 311,11 милиони американски долари, потоа во Косово, 267,55 милиони американски долари, па следуваат Србија, во која извезуваме 255,63 милиони американски долари, Грција, 200,33 милиони американски долари, и Албанија, 85,44 милиони американски долари. Во овој контекст, помалку значајно е каде се извезува, туку што се извезува и дали нашите домашни компании се способни да одговорат на потребите на различните пазари. Така, познавањето на преференциите и потребите на пазарите во соседните држави, приспособување на истите тие, обезбедувањето капацитет на нашите компании да се носат со конкуренцијата во соседните земји би придонеле за поголем извоз – објаснуваат претставниците на Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ).

Едношалтерски систем на граничните премини

Од Комората објаснуваат дека, генерално, во делот на регулативата што се однесува на надворешнотрговското работење со соседните земји не постојат значајни пречки и ограничувања, иако во практика понекогаш во поединечни случаи се применуваат нетарифни бариери. Исто така, посочуваат дека во однос на инфраструктурата, подобрата инфраструктура секогаш е предност, но не и најзначајна за извозот.
– Подобрување на поврзаноста со Коридорот 8 може да биде одреден поттик за поголема соработка, но тоа неопходно е да се следи со подобрување на нашата извозната структура. Секако, близината е предност, бидејќи влијае на транспортните трошоци на компаниите. Постепеното отворање на границите и отстранување на нетарифните бариери ќе овозможи слободно движење на стоки, но покрај слободно движење на стоки, треба да обезбеди слободно движење на услуги, труд и капитал. Секако, нашата економија мора соодветно да се подготви за да ги искористи придобивките од таквото отворање, во спротивно нема да бидат постигнати позначајни резултати – потенцираат од СКСМ.
Од Комората посочуваат дека во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ веќе се преземаат конкретни чекори што треба да придонесат за намалување на времето на чекање на границите и олеснување на движењето на стоки.
– Се интензивира работата за поставување едношалтерски систем на граничните премини меѓу Северна Македонија и Албанија и се отстрануваат пречките што се јавуваат на граничниот премин со Република Србија. Исто така, државите се договорија за меѓусебно признавање на статусот на овластен економски оператор и се разгледува можноста за намалување на административните трошоци и надоместоци поврзани со царинењето стоки со потекло од државите во иницијативата „Отворен Балкан“. Државите работат и на заеднички критериуми за анализа на ризик и размена на резултатите од фитосанитарните и ветеринарните контролите, што треба да придонесе за олеснување на движењето на стоки во рамките на државите што ја поддржаа иницијативата „Отворен Балкан“ – истакнуваат од СКСМ.

Усогласување на нашите царински тарифи со тарифите на ЕУ

Претставниците на Сојузот на Стопански комори на Македонија (ССКМ) посочуваат дека е потребно во нашата држава да се изгради подобра бизнис-клима за извозна ориентација на компаниите, како и да се воспостави подобра бизнис-култура за важноста на присуството на странските пазари.
– Извозот и искуството од работењето на повеќе пазари носат многу позитивни аспекти во работењето, кои имаат примена и во унапредување и на деловната активност на домашниот пазар, како сертификати за подобрен квалитет, дизајн, пакување и слично – укажуваат од ССКМ.
Сепак, од оваа комора посочуваат дека нашата царинска тарифа не е усогласена со царинската тарифа на ЕУ, што исто така преставува реален проблем за зголемен извоз во земјите од Европската Унија и привлекување нови странски инвестиции и постигнување подобри економски резултати.
– Царините на некои суровини што се плаќаат во Македонија може да бидат и од три до пет пати повисоки од тие во ЕУ и на овој начин нашата земја не е атрактивна како земја извозник на некои производи. Инфраструктурата исто така е еден од битните фактори што може да влијаат во достапноста до некои пазари. Работиме со некои традиционални производи, треба да имаме поширок асортиман производи, кои треба со долгорочни стратегии и инвестиции да се развиваат. Пазарите во соседството се клучни за нашиот извоз и ние мора да се потрудиме што е можно подобро и со повеќе производи и фирми извозници да бидеме присутни на овие пазари. Пазарите во соседството за нас мора да бидат стратегиски – потенцираат од ССКМ.