Фото: Маја Јаневска-Илиева

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, заедно со заменик-министерот за земјоделство Трајан Димковски, ги додели првите пет договори за набавка на трактори преку Програмата за рурален развој.
Бабовски истакна дека условите за добивање на оваа поддршка ги исполнуваат 540 апликанти.
– Вкупната финансиска поддршка за сите 540 апликации изнесува 206 милиони денари. Најголемиот дел апликанти побараа набавка на трактори од марката „тафе солис махиндра“. Заради заштита и намалување на ширењето на ковид-19, сите што имаат аплицирано за оваа мерка и ги исполнуваат условите, а денеска не се овде, договорите заедно со упатство ќе ги добијат на домашна адреса – рече Бабовски.
Откако ќе заверат и потпишат два примерока од договорите, тие ќе треба да се вратат во Агенцијата. Потоа земјоделците ќе може да ја спроведат набавката на тракторот што им е одобрен со договорот.
Од ресорните институции велат дека со набавената нова, современа механизација се намалуваат производствените трошоци на земјоделците, а со тоа се развиваат поконкурентни и модернизирани земјоделски стопанства.