Браншата мора да се преструктурира, да воведе нови, современи технологии Фото: Игор Бансколиев

Проблемите во текстилната индустрија се повеќеслојни и траат со години. За да се избегне најтемното сценарио, се неопходни редица мерки, но дали и колку тие мерки се брзо и лесно спроведливи

Масовно отпуштање на работниците ѝ се заканува на текстилната индустрија ако креаторите на политики наместо системска поддршка за поголема продуктивност во секторот, продолжат да форсираат мерки како зголемување на минималната плата. Ова го посочија инволвираните во текстилната индустрија, на средбата во Стопанската комора на Македонија, и дополнија дека браншата мора да се преструктурира, да воведе нови, современи технологии, да го модернизира производството и да се насочи кон производи со поголема додадена вредност. Работодавците бараат државата да создаде фер услови за водење бизнис преку борба со сивата економија, реформи во образованието и структурни реформи во стопанството.

– Нивото на софистицираност на извозните текстилни производи е ниско, а тоа е клучна причина за ниската продуктивност на индустријата, што резултира со мали плати. Оваа индустрија, според продуктивноста, е на работ на егзистенција. Неопходни се воздржувања на креаторите на економските политики во делот на најавите за натамошно зголемување на минималната плата. Тоа нема да им наштети на сопствениците, кои ќе бидат принудени да ги затворат своите фабрики, туку многу повеќе ќе им наштети на работниците, кои во текстилната индустрија се над 30.000 и тоа квалификувани, на возраст од 50 до 55 години – истакна професорот Дарко Лазаров од универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Тој истакна дека платите во индустријата може да растат ако се зголеми продуктивноста. Нагласи дека продуктивноста ќе се зголеми ако во индустријата се зголеми додадената вредност, односно кога компаниите ќе имаат подобра техничко-технолошка опрема, производи со повисок степен на финализација.

– Сите земји во светот се богати зашто имаат добра производствена, преработувачка и извозна структура, зашто нивните ресурси се сконцентрирани на производи со поголема додадена вредност. Да нема фама дека нашите работници се неквалификувани. Еден работник на автоматска лента во САД не е ништо попаметен од нашите, кои работат мануелно на машина. Создадовме мит дека сме прости, неквалификувани, а всушност, не може да бидете продуктивни и да имате висока индустриска норма ако работите на рачни машини. За автоматски машини се потребни помалку квалификации отколку за дреар, кој обработува лим на рачна машина – истакна професорот.

Претседателот на Здружението на текстилната и кожарската индустрија, Ангел Димитров, потврди дека неколку фабрики се затвориле и додаде дека состојбата сега е најтешка во кумановското стопанство. Според него, мора да има преструктурирање, но да се внимава да не се затворат постојните капацитети. Просечната плата во текстилната индустрија минатата година била 17.816 денари и генерално се зголемувала во континуитет, од 2009-та наваму, додека бројот на работниците е намален. Во 2009 година текстилната индустрија учествувала со 37,9 отсто во вкупниот број вработени во преработувачката индустрија, а во 2018-та со 28,82 отсто. Во однос на вкупната вработеност во земјава, пак, во 2009 година учествувала со 9,32 отсто, а во 2018 со 6,32 проценти.

– Платите во 2009 година во производството на облека биле 9.135 денари, а во 2018 година 15.421 денар што е 69 отсто повеќе. Во однос на просечната плата во државата, во 2009 година платата во текстилот била 46 отсто од просекот во индустријата, а во 2018-та дури 64 проценти. Во целата индустрија, нето-платата во декември 2019 во однос на декември 2018 г. е зголемена за 4,1 отсто и изнесува 26.836 денари, додека во индустријата на облека има раст за 12,2 проценти и изнесува 17,816 денари – напомена Димитров.

Тој истакна дека во 2012 година во текстилната индустрија работеле 1.096 компании, а во 2015 година 953, што покажува дека за пет години 143 престанале да работат.
Вкупниот извоз на текстилната индустрија лани изнесувал 543 милиони евра, што е 8,5 отсто учество во вкупниот извоз на државата. Димитров информира дека в среда е најавена средба во Владата, на која ќе стане збор за состојбите во текстилната индустрија.

Учесниците на средбата во СКМ истакнаа дека потенцијал за развој на текстилната индустрија има во производство на скијачка опрема и облека за велосипедисти.