Фото: Игор Бансколиев

Минатата година, со цел зголемена потрошувачка, владините претставници ја донесоа мерката „Викенд без ДДВ“. Дали е можно заживување на одредени сектори со повторно воведување ваква мерка, која би била насочена исклучиво кон најпогодените сектори и кон поврат на средства само за домашни продукти или треба да се најдат нови и уште поефикасни механизми за поттикнување на потрошувачката на домашните производи?

Ка­ко да се пот­тик­не купувањето на до­маш­ни­те про­из­во­ди и услуги

Намалени нарачки од странските партнери, намалена потрошувачка и вишок готови производи се главната кочница на која алармираат домашните производители. Неизвесноста што сѐ уште е присутна претставува кочница за дел од индустриите, а деновиве сме сведоци на изјави на работодавци што стравуваат од влошување на и онака тешките состојби, особено во текстилната и кожарската индустрија.
Во вакви неизвесни услови, намалената потрошувачка ги деситимулира производителите, па неминовно се наметнува прашањето како да се поттикне потрошувачката. Потребни се нови мерки што ќе ја стимулираат домашната потрошувачка, но колку тоа ќе доведе до подобрување на состојбите кај домашните производители. Минатата година, со цел зголемена потрошувачка, владините претставници ја донесоа мерката „Викенд без ДДВ“, во која граѓаните имаа три дена за пазарување, при што добиваа целосен поврат на данокот на додадена вредност. Дали е можно заживување на одредени сектори со повторно воведување ваква мерка, која би била насочена исклучиво кон најпогодените сектори и на домашни продукти?
– Идејата „Викенд без ДДВ“ не е наш „изум“ и во различни форми се појавува во многу држави. Стимулирањето на потрошувачката добро би дошло во вакви услови на корона-криза, која многу негативно влијае на оптимизмот кај граѓаните и негативно се одразува на потрошувачката. Добро е да се стимулира домашното производство, затоа што производите од увоз немаат ефект на домашната индустрија, а исто така негативно влијаат на трговскиот дефицит и на платниот биланс на земјата – укажува претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров.

Сепак, Димитров посочува дека недостигот од ваква мерка за стимулирање на потрошувачката на домашни производи е во малиот број домашни финални продукти.
– Проблемот кај ваквите акции е што уделот на домашни производи во вкупната потрошувачка на мало е мал и ефектот од ваквата мерка би бил ограничен. Затоа треба да се направи анализа на претходниот „Викенд без ДДВ“ и ако се оцени дека неговите ефекти врз зголемувањето на потрошувачката се многу мали, во тој случај ќе треба ослободувањето да биде како за домашните, така и на увезените производи – дополнува Димитров.
Наедно тој посочува дека поттикнување на домашната потрошувачка ќе треба да се направи најпрвин преку зголемување на обемот и асортиманот на домашните производи за широка потрошувачка.
– Македонија произведува и по обем и по асортиман многу малку производи, кои ни оддалеку не ги задоволуваат потребите на потрошувачите. И покрај патриотизмот, купувачите на крајот се одлучуваат за подобар квалитет и подобра цена, затоа ваквите мерки само симболично ќе ја сменат состојбата – потенцира Димитров.
Економистите, пак, укажуваат дека ваква мерка, иако може да ги раздвижи граѓаните, сепак, нејзиниот ефект ќе биде минимален и дополнително со поттикнување на потрошувачката на домашните продукти многу малку ќе ја помогне севкупната домашна економија.

– Вкупниот данок на додадена вредност од домашни производи е многу мал и со него не може да се спасува домашната економија. Ние имаме многу малку домашни финални производи што се трошат во домашната потрошувачка, поточно во домаќинствата. Поголем дел од нашето производство е насочен кон извоз и кон изработка на полупроизводи, така што прашање е што и колку би купувале нашите граѓани и дали и колку тоа ќе биде стимулативно за самите производители – вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Професорот посочува дека и кога еден производ го сметаме за домашен, честопати истиот тој е составен со суровини од увоз, или пак со други увозни компоненти, така што тешко може да се дефинираат домашни продукти, дополнително што на овој начин се ставаат во предност одредени производи што се произведуваат во земјата, пред други што тука се произведуваат а се продаваат во странство.
– Свесни сме дека домашните производи не се чисто домашни, еве да го земеме маслото како пример, имаме домашен производ, но многу од суровините се увозни, па дури и шишињата во кои се складира се увозни, дополнително машините со кои се прави или преработува се увозни… Од друга страна, имаме и компании и фирми што извезуваат машини, или разни полупроизводи и се наметнува прашањето како тие компании да се стимулираат, како да се поттикне потрошувачката на нивните производи.
Од Владата на Република Македонија засега се без конкретен одговор дали размислуваат за повторно активирање на мерката „Викенд без ДДВ“, која минатата година беше меѓу сетот антикризни мерки.

– Мерката „Викенд без ДДВ“ беше спроведена како дел од антикризните економски пакети за помош на граѓаните и стопанството. Со економските пакети, следејќи ја структурата на домашниот БДП, со дел од мерките Владата целеше кон зголемување на приватната потрошувачка. Таква мерка беше и „Викенд без ДДВ“. Со оваа мерка се иницираше зголемен промет во стопанството, односно зголемена ликвидност на бизнисите, а граѓаните дополнително беа поддржани со повратот на ДДВ на нивните сметки. Владата постојано ја следи ситуацијата, како здравствената така и економската, и доколку има потреба, како и досега, навремено ќе интервенира со соодветни мерки. Доколку мерката „Викенд без ДДВ“ повторно се спроведе, јавноста навремено ќе биде известена – појаснуваат од Владата.