Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наместо граѓаните или компаниите сами да инвестираат, тие ги депонираат средствата, кои потоа банките ги вложуваат, односно им ги даваат како заеми на побарувачи што имаат солидни бизнис-планови

Заштедите на граѓаните и на компаниите во комерцијалните банки во земјава постојано растат. Во согласност со последните податоци, во септември во банките биле депонирани 4,5 милијарди евра, или 273,9 милијарди денари, а притоа е забележан раст од 8,8 отсто во однос на истиот месец минатата година. Притоа се забележува дека, и покрај падот на каматите на депозитите, било да се денарски или девизни, сепак, заштедите на населението растат.
Овде се наметнува прашањето дали ваквиот раст на депозитите е пречка за економскиот раст на земјата. Имено, ако овие средства би се насочиле кон различни бизнис-инвестиции, тие сигурно би имале значително влијание и врз растот на економијата во земјава.

Упатените велат дека иако станува збор за значителна сума, сепак, тоа што 4,5 милијарди евра се орочени во банките, не значи дека истите тие не се користат во стопанството.
– Во нашата економија, депозитите претставуваат главен извор на финансирање на банкарските активности, вклучувајќи ја и кредитната активност. Оттука, движењата кај депозитната база ги детерминираат и движењата кај кредитите. Од друга страна, преку кредитната активност насочена кон економските субјекти се обезбедува клучна поддршка за економскиот раст – истакнуваат од Народна банка.
Во изминатите петнаесетина години, депозитите на приватниот сектор во деловните банки бележат постојан раст, кој во периодот од 2009 година наваму, во просек, изнесува околу 8 отсто годишно, така што тековната состојба на вкупните депозити е значајно зголемена во однос на состојбата пред 15 години и претставува солидна база за кредитна активност.

– Имајќи предвид дека деловниот модел на банките кај нас е заснован на традиционално банкарство, неоспорно е дека растот на заштедите имплицитно овозможува и раст на кредитирањето, а со тоа и соодветна финансиска поддршка на овој начин, во согласност со перцепциите на банките за севкупниот макроекономски амбиент, идните очекувања и оценетите ризици. Во овој контекст, и според економската теорија, растот на штедењето е предуслов за раст на економијата – појаснуваат банкарите.
Нивните анкетни истражувања покажуваат дека банките од 2014 година наваму ги олабавуваат кредитните услови за корпоративниот сектор, во услови на доволен обем на ликвидност и адекватна солвентна позиција.

– Мора да се има предвид дека кредитирањето е двостран процес и зависи не само од понудата туку и од побарувачката. За поголемо кредитирање на домашните претпријатија не е доволно само банките да имаат подготвеност за испорачување кредитна поддршка и соодветно структурирани кредитни производи што одговараат на потребите на претпријатијата туку еднакво e важно оцените на квалитетот на побарувачката за кредити да бидат задоволителни за банките – додаваат од Народна банка.

Оттаму истакнуваат дека финансиската поддршка на корпоративниот сектор не треба да ја гледаме само низ призмата на банкарскиот сектор, особено не кога станува збор за мали и средни субјекти или бизниси што се во раната фаза од нивниот развој или со помал степен на обезбедување.
– Развојот на пазарното финансирање, било преку издавање финансиски инструменти било преку соработка со алтернативните облици на инвестициските фондови, е форми со поголема толеранција на ризик. Без дилема, тие се можни комплементари на финансирањето преку банки и начин за олеснување на пристапот до финансирање на овој корпоративен сегмент – истакнуваат од НБРСМ.
Тие додаваат дека како централна банка придонесуваат за олеснување на условите на финансирање на економските субјекти, преку олабавување на монетарната политика, a со тоа посредно даваат придонес кон економскиот раст. Сметаат и дека придонес кон кредитирањето имаат и неконвенционални мерки што им биле насочени кон олеснување на пристапот до финансирање за дел од корпоративниот сектор (нето-извозници, производители на електрична енергија).
Поранешниот професор и некогашен гувернер Љубе Трпевски потсетува дека банките во Македонија работат со депозитите од граѓаните, односно дека средствата што ги пласираат во кредити се од заштедите што граѓаните или компаниите ги оставаат кај нив.

– Заштедите на граѓаните или на компаниите не остануваат во банките. Напротив, тие пак се пласираат во стопанството, само што процесот на инвестирање е со посредништво. Наместо граѓаните или компаниите сами да инвестираат, тие ги депонираат средствата, кои потоа банките ги вложуваат односно ги даваат како заеми на побарувачи кои имаат солидни бизнис планови. Значи средствата не остануваат во банките, туку само се орочени, но со нив пак се работи – вели Трпевски.

Тој дополнува дека нашите банки со парите од депозитите инвестираат во проекти и додава дека се многу внимателни што кредитираат бидејќи од тие инвестиции зависи и заработката на компанијата, но притоа од нив треба да се обезбедат и средствата за каматите на депозитите на штедачите.