Фото: Маја Јаневска-Илиева

Само размислете колку нации сакаат нивниот стартап-сектор да биде жив, како американскиот. Може да располагате со многу важни елементи, како на пример значителен капитал или паметна технологија, но честопати тие клучни состојки не се доволни, одговара економскиот аналитичар Џејмс Петокукис на некои тврдења дека со парите на даночните обврзници на САД не би требало да им се помага на овие компании

ПО ДЕБАТИТЕ ЗА ПОТРЕБАТА ОД ДРЖАВНА ПОМОШ ЗА ФИРМИТЕ ШТО СЕ ВО ПРВАТА ФАЗА ОД РАБОТЕЊЕТО

Во екот на досега најголемата здравствено-економска криза во светот, кога на многу компании им се заканува згаснување, економистите, меѓу другото, постојано истакнуваат дека, покрај борбата за спас на животите на луѓето, мора да се води сметка да се спасат што повеќе работни места. Особено е интересна дебатата што се води во Соединетите Американски Држави деновиве во однос на оправданоста на владината поддршка на стартап-компаниите од Силициумската долина, кои, според општиот впечаток, претставуваат „моќни примери за вистински американски капитализам“. Се разбира, стартап-компаниите во Македонија, генерално, се далеку од сличните квалификации, така што звучат сосема оправдано оцените на креаторите на политиките за поддршка на мали и млади компании дека е многу важно во оваа ситуација државата да продолжи со поддршката на старtап-бизнисот и со поттикнување на поголем број млади луѓе во развој и реализација на економски проекти.

– Токму тука треба да се бара и еден од најдобрите модели за надминување на последиците од кризата и за пораст на економијата. Вонредните околности бараат и вонредни мерки, а потребниот потенцијал, енергија, сила ги наоѓаме токму кај фирмите што воведуваат новитети во своето работење, било организациски, било како продукт или услуга. За илустрација, ќе споменам дека нашите анализи за работењето на овие компании во 2019-та покажуваат исклучително висок пораст на продуктивноста во однос на претходните години. Од над 200 микро и средни компании, просечниот пораст на добивката во 2019 година е над 70 отсто, а износот на уплатени средства во буџетот на државата по различни основи за 25 проценти го надминува износот што државата го уплатила преку Фондот во поддршка на иновации и технолошки развој во 2019 година. Значи, на фирмите им расте конкурентноста, а државата има одличен поврат на вложените пари – вели директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.

Во таа насока Деспотовски истакнува дека „паметна држава и општество треба и мора во оваа ситуација да размислуваат за денот потоа и да креираат мерки што ќе им помогнат токму на оние што потоа ќе бидат главна движечка сила на економското закрепнување“.
Од Фондот посочуваат дека и во новонастанатата ситуација поттикнуваат практични секојдневни решенија, поврзани со тековната криза.
– На јавниот повик КРЕАТОН се јавија над 500 поединци, организации и фирми со свои концепти за практични решенија, а во изработка се 16. Очекуваме овие проекти да „живеат“ и по кризата, да придонесат за забрзана дигитализација на општеството, но и поподготвен систем за одговор на вакви кризи во иднина.

Користевме помош и искуство од нашите меѓународни партнери од УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, Амбасадата на Швајцарија и домашната комора МАСИТ. Овие проекти ќе бидат од помош за економијата секако. Преку нив се ангажираат над 100 претежно млади луѓе, а се работи на алатки и услуги што реално може да се рашират и регионално, па и на европско и глобално ниво. Сето тоа подразбира дополнителен прилив на средства од приватни извори – потрошувачи и нови инвеститори, што секако е модел за успех – истакна Деспотовски.

Во слична насока се и размислувањата што економскиот аналитичар Џејмс Петокукис ги изложува на американскиот интернет-портал „Национален интерес“. Тој, истакнувајќи дека стартапите во Америка се еден вид непроценливо национално богатство и предизвикуваат завист кај другите нации, констатира дека „можеби нема да биде лесно подобрувањето, повторното создавање или повторното заживување на таа заедница по историскиот економски шок“.

– Само размислете колку нации сакаат нивниот стартап-сектор да биде жив, како американскиот. Може да располагате со многу важни елементи, како на пример значителен капитал или паметна технологија, но честопати тие клучни состојки не се доволни – укажува Петокукис.
Инаку, тој полемизира со аналитичарката на „Њујорк тајмс“ Кара Свишер, која смета дека „самата идеја парите на даночните обврзници да се слеат кон земјата на еднорозите (назив за стартап вреден најмалку една милијарда долари) предизвикува негодување кај многу луѓе што не сакаат да вложуваат во капиталистите, кои потоа ќе бидат особено внимателни со трошоците поради неизбежниот пресврт“.

Според Петокукис, главна причина за поддршка на малите претпријатија, генерално, низ оваа парализа на националната економија е да се одржи системот на врски, поточно на вработените и доставувачите, како и специјалната интелектуална сопственост што ги прави овие фирми посебни.
– Сето тоа, секако, се однесува на стабилните стартапи финансирани со претприемачки капитал. Треба да размислуваме во насока американскиот приватен сектор сега да избегне отпуштања и во иднина веднаш да биде подготвен да се врати на нормалното функционирање – истакнува Петокукис.