Цените на бензинот во Венецуела како на меѓународните пазари

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро соопшти дека граѓаните на оваа земја ќе купуваат гориво според цените на меѓународниот пазар.
Со тоа е прекината практиката оваа земја да има најевтино гориво на светот, јавува АП.
Од 1 јуни граѓаните на Венецуела за литар гориво ќе плаќаат 50 центи, 1,90 долар еден галон, а ќе можат еднаш во месецот да купуваат бензин по субвенционирана цена од 0,025 долари за литар.
Според зборовите на Мадуро, Владата ќе продолжи да го плаќа сето гориво што се користи за јавен превоз.

Италијанскиот БДП би можел да падне до 13 отсто

Италијанската економија оваа година поради корона-кризата би можела да се намали до 13 отсто, изјави Игнацио Виско, гувернер на тамошната централна банка.
– Според основното сценарио, падот на економијата оваа година би можел да изнесува девет отсто – рече Виско.
Тој додаде дека второто попесимистичко сценарио предвидува пад на БДП годинава за 13 отсто и значително побавно закрепнување во 2021 година.
Неговото предупредување временски се поклопи со промената на процената за раст во првото тримесечје што ја направи Истат.
Италијанскиот БДП падна првите три месеца оваа година за 5,3 отсто на квартално ниво, според сезонски и календарски приспособените податоци на статистичкиот завод. Првата процена покажуваше пад од 4,7 отсто.

„Мајкрософт“ ги менува новинарите со вештачка интелигенција

„Мајкрософт“ ќе замени десетина новинари што работат на страницата на компанијата со вештачка интелигенција и автоматизиран систем ќе одлучува кои текстови ќе бидат објавени.
За селекција на текстовите и фотографиите од разни медиуми, како и на креирањето на насловите на страницата МСН, во моментот се задолжени новинари, но таа работа наскоро ќе ја преземе вештачката интелигенција.
„Мајкрософт“ соопшти дека таа промена е во рамките на евалуацијата на работењето.
Околу 50 хонорарни новинари ќе го загубат договорот со „Мајкрософт“ до крајот на јуни, пишува „Сиетл тајмс“, но постојано вработените нема да добијат отказ.
– Помислата дека можат да нè заменат машини е деморализирачка – изјави еден од новинарите што повеќе нема да работи за „Мајкрософт“.
Некои отпуштени новинари укажаа на можноста вештачката интелигенција да не може да ги препознава утврдените правила за уредување, па на веб-страницата би можеле да се појават и несоодветни содржини.