„Алкалоид“ – Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – март 2019 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран биланс на успех.

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март продажбите достигнуваат околу 2,1 милијарди денари, што е за 14 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува околу 422,7 милиони денари, бележи зголемување од околу 16 отсто, единечната нето-добивка изнесува 247,4 милиони денари, и истата таа е зголемена за 15 отсто.

Во периодот јануари – март, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 2,8 милијарди денари, што е за 15 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 2 отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 23 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 32 отсто се остварени на домашен пазар, додека 68 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 31 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 10 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 24 отсто и на другите пазари се остварени 2 отсто од вкупните консолидирани продажби.

Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија, со продажби од 81 милион денари, што е 4,8 пати повеќе од лани, потоа во Грузија, со продажби од 9,4 милиони денари, што претставува зголемување од двапати, и Полска, со продажби од 19,1 милиони денари, што претставува раст од 72 отсто споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Унгарија раст од 63 отсто, Русија раст од 58 отсто, Украина раст од 57 отсто, Бугарија раст од 49 отсто, Германија раст од 42 отсто, Ерменија раст од 36 отсто, Словенија раст од 22 отсто, Романија раст од 19 отсто, САД раст од 14 отсто итн. Повисокиот раст на продажбите во првиот квартал од 2019 година делумно се должи на задолжителната серијализација на производи за пазарите од ЕУ, која започна на 9 февруари 2019 година.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ-препаратите со 20 отсто, кардиолошките препарати со 17 отсто, антибиотиците со 19 отсто, Невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со 2 отсто, козметика со 7 отсто и билкарство учествува со 3 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува околу 490 милиони денари, бележи раст од 19 отсто, додека нето-консолидираната добивка во износ од околу 294 милиони денари е зголемена исто така за 19 отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2019 година изнесуваат 193,8 милиони денари.

Во периодот јануари – март 2019 година во „Алкалоид“ се реализирани 55 нови вработувања во Република Северна Македонија.

Со одлука на управен одбор на „Алкалоид“ – Скопје, во март 2019 година, одобрен е и исплатен, регрес за користење годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 27.709 денари бруто, односно 24.938 денари нето.