Дуплирана продажбата на електрични автомобили во ЕУ
Минатата година во Европската Унија се продадени повеќе од 290 илјади електрични возила, речиси двојно повеќе од 2018 година, покажуваат податоците на Европското здружение на произведувачи на автомобили (АЦЕА).
Продажбата на годишно ниво пораснала за 93,8 отсто, на 290.923 возила, соопшти АЦЕА. Холандија со 67.695 продадени возила и Германија со 63.491 беа најголемите европски пазари на електрични возила.
АЦЕА соопшти дека за речиси 50 отсто пораснала продажбата на хибридни возила, на 465.026 возила, додека продажбата на хибридни возила на полнење пораснала за 13,9 отсто, на 174.103 автомобили.
Возилата со алтернативен погон, кои работат на течен нафтен гас (ТНГ) и на природен гас, сочинувале 10,7 отсто од вкупната продажба на автомобили во ЕУ во 2019 година. Година претходно тие сочинувале 7,5 отсто. Во меѓувреме, продажбата на дизел-возила паднала за 13,9 отсто, на 4,65 милиони и нивниот пазарен удел е намален на 30,5 отсто.
Бензинските автомобили останале најпопуларен вид на возила во ЕУ, со продажба што пораснала за 5,2 отсто, на 8,96 милиони. Нивниот пазарен удел пораснал за повеќе од два отсто, на 58,9 отсто.
Турска фирма ќе гради тунел под Алпите што ќе ги спојува Словенија и Австрија
Турската градежна фирма „Ченгиз“ победи на тендерот за изградба на тунел на автопатот вреден 98 милиони евра, кој преку Алпите ги поврзува Словенија и Австрија. Компанијата „Ченгиз“ соопшти дека ќе ја гради втората линија на тунелот Караванки во Словенија, чија должина изнесува три и пол километри низ планината. Дополнителната цевка се гради за да се олеснат евентуалните застои во сообраќајот на автопатот што го користат осум земји. Во моментот низ сегашната една цевка на тунелот секој час минуваат по 1.200 возила, што доведува до чести сообраќајни застои. Новата линија ќе се гради паралелно со сегашната, ќе има четири коловозни ленти, а брзината ќе биде ограничена на 100 километри на час.
Сушата ќе донесе повисоки цени на овошјето и на зеленчукот
Недостигот од влага во земјата поради големата суша, односно малото количество дожд и снег во текот на есента и зимата, се заканува да го загрози годинашниот род на сите земјоделски култури, што ќе влијае и врз цените на земјоделските производи.
Стручњаците сметаат дека изгубената влага веќе нема да може да се надомести, а тоа значи дека количеството на род може да се намали, поради што би можело да дојде до поскапување на земјоделските производи.
Недостигот од влага во земјиштето влијае на сите фази на вегетацијата. Во овој момент нема земјоделска култура што не е загрозена. На овошките им се заканува помала плодност, бидејќи во декември не било извршено ѓубрење на стеблата, бидејќи ѓубривото без врнежи не би стигнало до коренскиот систем.