Изложбата „Споменици на револуцијата“ на Марко Кројач ќе биде претставена во повеќе градови во земјава. По синоќешното отворање во Штип, во галеријата „Безистен“, изложбата патува за Кочани, Прилеп, Битола, Струга и Крушево. Марко Кројач, кој живее и работи во Берлин, е слободен уметник, активист, музичар, диџеј и хроничар. Повеќе од 15 години посветено ги документира монументалните споменици на НОБ на просторите на поранешна Југославија. Денес е дел од мултимедијалниот колектив „Центрифуга“ од Берлин, каде што активно музицира и работи со сито-печат. Изложувал во Токио, Женева, Белград, Берлин, Париз и многу други градови во светот како самостоен уметник и архивар на споменичното културно наследство на некогашна Југославија.
Неговата изложба на фотографии печатени во сито-техника, под наслов „Споменици на револуцијата“, ги архивира партизанските споменици од бивша Југославија и покажува како се менувале културните сеќавања и концептите на идентитетот на балканските простори од Првата светска војна до денес. Оваа изложба ги прикажува спомениците и приказните за нивното настанување, како и сегашниот однос на луѓето и воопшто културните политики кон постојните споменици во едно време на постојано променлив идентитет. Фотографиите на Марко Кројач ни ги доловуваат овие промени преку слика, а коментарите на различни автори го контекстуализираат секој споменик. Со овој пристап изложбата има желба да го унапреди критичкото, но во исто време и конструктивно соочување со минатото.
– Изложбата, чиј првичен фокус се спомениците во Македонија, нѐ соочува со реалната состојба на овие ремек-дела, некои од нив реконфигурирани, напуштени или заборавени, но сѐ уште живи централни места на сеќавањата, историјата и комеморацијата. Таа отвора прашања што јасно ја покажуваат сложеноста на процесот во градењето на мирот на Балканот и поделбите поврзани со минатото, години по војни и насилство. Изложбата во својата естетика е светла и чиста, самата техника на обработка на сито-печат е уметност сама по себе, но приказната што се пренесува е повеќеслојна и остава силни впечатоци за тоа кои биле и кои се денес нашите вредности. Изложбата „Споменици на револуцијата“ преиспитува, едуцира и облагородува со својот опус, колорит и визуелен наратив – се вели во најавата.
Марко Кројач исто така ќе ја промовира и својата книга „Залудградител“, работена на сито-печат, а на тема споменици на народната борба на просторите на бивша Југославија. Изложбата е во организација на „Задруга 5060“, во соработка со локалната независна сцена, како и со локалните самоуправи, во стремеж за автентично унапредување на културната децентрализација.