Сообраќајот на државните патишта вечерва се одвива без поголеми проблеми, а сите патни правци се проодни, информираат од ЈП „Македонија пат“.
По интервенцијата на дежурните екипи на претпријатието, на одредени повисоки места во западниот дел од земјата има само мали остатоци од кашест снег на коловозите. Во останатите делови од државата, патиштата се наместа влажни.
Од „Македонија пат“ предупредуваат дека на одредени патни правци што минуваат низ усеци и клисури постои можност за појава на поситни одрони.
Од претпријатието апелираат до возачите да бидат внимателни, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење кон актуелните услови на патот.
































