Фото: Маја Јаневска-Илиева

Генералниот директор за проширување и источно соседство во ЕК, Герт Јан Копман, на иста линија со Софија

Деновиве на Македонија повторно ѝ се испраќа порака дека сама е виновна за застојот во европските интеграции затоа што не сака да исполни една обврска што, сама по себе, нема никаква врска со суштинските европски критериуми за членство. Наместо владеење на правото, независно судство, функционални институции, борба против корупцијата и економски реформи, во преден план повторно се ставаат билатералните несогласувања со соседите, овој пат преточени во барање за уставни измени. Па така, наместо да се оценува колку една држава е подготвена да стане членка на Унијата, се оценува колку е „омекната“ за да ги прифати политичките противперемпторно-правни услови што ѝ ги поставува некоја од земјите членки. Во таквиот пакет кампањи спаѓа и јавно изразеното становиште на генералниот директор за проширување и источно соседство во ЕК, Герт Јан Копман.
– Не ја блокира земја членка. Блокирана е затоа што досега не сака да го направи она што знае дека треба да се направи – изјави Копман, високиот функционер на Европската комисија задолжен за проширување.
– Со оваа реченица, практично, целата одговорност за евроинтеграцискиот застој се префрла врз Скопје, додека улогата на Софија, но и одговорноста на Брисел и на Европската комисија за начинот на кој се води процесот, остануваат некаде во втор план, скриени под новопаднатиот слој есенски лисја. Така, со текот на годините сѐ подлабоко се прикрива улогата на Брисел во кршењето на меѓународното право и на врховните правни норми – јус когенс, со чие непочитување од страна на европските институции и на дел од членките на ЕУ, на еден народ, во случајов македонскиот, му се одзема правото да се нарекува со своето име, односно ни се скратува правото на интегритет, идентитет и самоопределување – вели наш соговорник, адвокат и колумнист, при што додава дека Копман зборува како уставните измени да се некаква самостојна техничка обврска, која Македонија едноставно одбива да ја исполни, без да се навраќа на причините како всушност еден таков акт на правно насилство кон македонската држава и нација се најде во европската преговарачка рамка.

Идентитетските прашања не се прашања за „политички компромис“

– Барањето за уставните измени се резултат на бугарското противење на почетокот на преговорите и на „компромисот постигнат во 2022 година, познат како француски предлог“. Тогаш, за да се отстрани бугарската пречка, спротивно на сите базични темели на правото, спротивно на врховното перемпторно право, Брисел испорача рамка што сама по себе е ништовна, при што се наруши суверенитетот на македонскиот народ да остане тоа што е. Компромис не може да се прави со идентитетски прашања! За жал, од претходната влада беше прифатено барањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, а билатералниот спор доби место во документите со кои се уредува пристапниот процес. Значи, не станува збор за некаква новооткриена европска вредност или за критериум што важи еднакво за сите кандидати, туку за направен противправен политички компромис со кој една билатерална тема беше претворена во услов за напредување кон членство – додава нашиот соговорник, адвокат.
Тој нагласува дека бугарското барање е поставено како предуслов за македонските евроинтеграции и покрај тврдењата на Копман.
– Иако Копман тврди дека Бугарија не ја блокира Македонија, факт е дека токму исполнувањето на бугарското барање е поставено како предуслов за продолжување на европскиот процес. Од македонската страна се очекува безусловно да ја исполни оваа обврска, без притоа да добие исто толку јасна и безусловна гаранција дека тоа навистина ќе биде последниот услов. Постојаното повторување дека нема да има нови барања очигледно не е доволно, доколку таквите уверувања не се преточат во конкретен европски механизам што ќе обезбеди предвидливост и ќе спречи повторно отворање на билатералните спорови во текот на преговорите – посочува нашиот соговорник.

Аналитичари: Уставните измени не ја затвораат вратата за нови вета и за наметнување нови барања

Во прилог на ваквите дилеми одат и анализите на добри познавачи на евроинтеграциските процеси, кои предупредуваат дека проблемот не е само во едно уставно барање туку во начинот на кој билатералните прашања се вградени во преговарачката рамка и опасноста на земјава постојано да ѝ се наметнуваат нови барања.
– Уставните измени можат да ги отворат преговорите, но не ја затвораат вратата за идни блокади. Постојната преговарачка рамка ја изложува Македонија на структурно условување од билатерален карактер, при што бугарското толкување на обврските може повторно да се појавува во различните фази од пристапувањето. Уставните измени можат да ги отворат преговорите, но не ја затвораат вратата за идни вета – наведуваат аналитичарите, според кои, на Македонија буквално ѝ се наметнува обврска што не е поврзана со копенхашките критериуми, колку и да сака некој да ги поврзе уставните измени со малцинските права.
Според соговорниците, токму тоа е прашањето на кое Брисел треба да даде одговор наместо само да повторува дека Македонија сама се блокира.
– Ако и по промената на Уставот остануваат можности за нови условувања, тогаш не станува збор само за неподготвеност на Скопје да исполни едно барање, туку за оправдана загриженост дека еднаш преземената обврска може да биде само почеток на нова серија политички отстапки и наметнување нови барања. Би било пожелно генералниот директор за проширување при ЕК да сфати дека можеби е време европските претставници да престанат да ја мерат македонската подготвеност само според тоа што уште политички треба да направи, иако ноторен факт е дека компромисот од 2022 година е ништовен и треба да се преуреди. А би било добро да одговорат и што е подготвена да направи Европската Унија во врска со тоа. На крајот од краиштата, европската перспектива не може да се гради само врз обврски на кандидатот туку мора да почива и врз довербата дека Унијата ќе ги почитува не само сопствените принципи туку и меѓународното право врз основа на кое се изградени европските принципи. А токму таа доверба, по толку многу години чекање и толку многу направени отстапки, е она што Македонија со право го бара – заклучуваат нашите соговорници.


Европската комисија полна со изненадувања за земјите кандидати за ЕУ

До кога за Македонија ќе се поставуваат политички и правни стапици?

Се чини дека европскиот пат на Македонија е претворен во бескрајна серија замки, примки, стапици, испити, на кој секоја помината пречка или секој положен испит не значи и завршување на учебната година, туку само најава за ново тестирање. Таман ќе помислиме дека сме ја поминале најголемата пречка, од Брисел или од некоја европска престолнина ќе пристигне ново барање, нов услов, нова обврска што треба да ја исполниме за да продолжиме таму каде што одамна требаше да бидеме.
Најнапред беше знамето, потоа дојде Преспанскиот договор, со кој ја сменивме и сопствената државна идентификација, а сега на ред се уставните измени и внесувањето на бугарската заедница во Уставот. Секојпат ни беше објаснувано дека станува збор за неопходен чекор, за последна пречка пред отворањето на европските перспективи, за компромис што треба да ја деблокира нашата иднина. Но искуството нè научи дека во оваа приказна зборот „последен“ има мошне растегливо значење.
И токму тука се наметнува уште еден проблем, можеби и посериозен од самите услови – прашањето дали исполнувањето на македонските обврски воопшто гарантира дека и другата страна ќе го исполни ветеното. Имено, Македонија и досега имаше искуство дека направените отстапки не значеа и очекувано придвижување кон Европа. Промената на знамето не го донесе посакуваниот резултат, Преспанскиот договор, кој требаше да го отстрани грчкото вето и да го отвори патот кон ЕУ, не ја спречи подоцнежната бугарска блокада, а почетокот на преговорите повторно се претвори во ново условување. Со други зборови, Македонија неколкупати го плати политичкиот трошок на компромисите, но ветената награда постојано остануваше некаде зад следниот свијок.
Затоа, недовербата кај македонските граѓани не е ниту изненадувачка ниту измислена за дневнополитички потреби. Таа е резултат на едно долго искуство во кое ветувањата не се претвораа во очекуваните резултати. Денес, кога повторно се бара промена на Уставот, сосема е легитимно граѓаните да прашаат што точно добиваат за возврат, какви гаранции имаат дека нема да следуваат нови барања и дали некој може да им понуди предвидлива европска перспектива.
Оттука, ако Европската Унија очекува Македонија да направи уште еден тежок политички чекор, тогаш не може само да инсистира на исполнување на обврските туку мора да покаже и дека знае да ги почитува сопствените ветувања. Не може од една страна да бара доверба, а од друга да заборава дека токму таа доверба со години ја троши. Впрочем, довербата не се бара со декларации и соопштенија, туку се гради со доследност. А токму таа доследност, Европа премногу често ја изневеруваше кога стануваше збор за македонското прашање.
Затоа, сосема легитимно е прашањето до кога Македонија ќе добива нови услови, до кога ќе се очекува да прави отстапки и до кога европската перспектива ќе се претвора во подвижна цел, која постојано се поместува пред нашите очи? Уште поважно, кој може да гарантира дека исполнувањето на денешното барање навистина ќе значи крај на условувањата, а не само почеток на нова рунда политички преговори? С.Т.