Од Исланд до Бразил, преку Италија, Израел, Шпанија, Германија, Србија, Хрватска и Турција, македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, продолжува да ја освојува меѓународната филмска сцена со девет фестивалски селекции во октомври и во ноември. По светската премиера на „Трибека филм фестивал“ во Њујорк, филмот го продолжи своето патување на фестивалите во Рејкјавик, Исланд, Рим во Италија, „Мостра“ во Сан Паоло во Бразил и во Израел.
Ноемвриската маршрута опфаќа уште пет фестивали во Шпанија, Германија, Хрватска, Србија и во Турција. Особено се значајни селекциите во главните натпреварувачки програми во Рејкјавик и Брауншвајг, италијанската премиера во Рим, како и учеството во натпреварувачките програми во Севилја и Истанбул.
Вториот долгометражен филм на Дина Дума раскажува за единаесетгодишната Адела, која преку љубовта кон скејтбордингот се бори против предрасудите и се обидува да ја спаси својата постара сестра од договорен малолетнички брак. Филмот е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со Лабина Митевска како продуцентка, и е меѓународна копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, реализирана со поддршка на Агенцијата за филм на Македонија. Паралелно со меѓународното фестивалско патување, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ продолжува да се прикажува во кината низ Македонија, а скопската публика ќе има можност да го погледне и на 16 и 17 ноември во Кинотека на Македонија.
































