Фото: ЕПА
  • Рускиот документ како платформа и рамка на Москва за натамошни мировни преговори ја отвори најголемата геополитичка дилема за Западот по завршувањето на Студената војна. Имено, Москва не бара само прекин на војната во Украина. Таа бара преиспитување на безбедносната архитектура на целиот европски континент, ограничување на проширувањето на НАТО во пакет со повлекување на сојузничките воени капацитети од источноевропските држави и правила за нуклеарните политики. Во дипломатскиот документ доставен на разговорите во Абу Даби, Кремљ повторно ја актуализира идејата за реституција (враќање) на состојбите од 1997 година

Најновите информации за руските дипломатски барања уште еднаш укажуваат на суштинската нишка во стратегијата на Русија, а тоа е враќање на европскиот безбедносен поредок како што беше договорно и заемно решено со западните центри на моќ (НАТО, Брисел, Вашингтон) односно уредено со т.н. Основачки акт НАТО–Русија, документ со кој беа поставени политичките основи за меѓусебни односи и консултации меѓу НАТО и Москва.

Состојбата во која Москва сака повторно да ја врати и постави „европската
безбедносна граница“ е 1997 година

Според наш дипломатски брифер, во центарот на старо-новата дипломатска иницијатива на Москва е документ датиран од 10 ноември 2026 година, кој, и според медиумските извештаи, бил „споделен со американските претставници за време на разговорите во Абу Даби“. Станува збор за таканаречен нонпејпер – неформален дипломатски документ, без официјален меморандум и потпис, (преку кој една држава ги изложува своите позиции и услови во преговорите, во овој случај Русија). Според нашиот брифер, дипломат, „информациите биле делумно објавени и во американски ’Њујорк тајмс’, односно извор вклучен во преговорите добил копија од документот, а неговата автентичност ја потврдил и друг соговорник запознаен со разговорите“.
– Она што го прави документот политички значаен не е само неговата содржина туку и фактот дека Русија, и по речиси пет години војна, не ги напуштила основните барања што ги формулираше пред почетокот на воената операција во Украина. Најсилниот дел од руските позиции е поврзан со НАТО и неговото проширување кон исток. Неотповиклив е ставот на Москва за Алијансата да се откаже од натамошното проширување и да ги повлече воените сили и капацитети од позициите на источното крило воспоставени по 1997 година. А зошто токму 1997 година? Да објаснам за македонската јавност многу едноставно и кусо. Имено, тоа е годината во која беше потпишан Основачкиот акт НАТО–Русија, документ со кој беа поставени политичките основи за меѓусебни односи и консултации меѓу Алијансата и Москва – вели нашиот соговорник.
Тој додава дека и покрај тој меѓународно правен договор, во следните години НАТО започна со големото проширување кон Централна и Источна Европа.
– И што се случи?! Во Алијансата влегоа Полска, Чешка и Унгарија, а подоцна и балтичките држави, Бугарија, Романија и други земји од поранешниот комунистички блок. За Кремљ, токму тој процес претставува една од главните причини за нарушувањето на европската безбедносна рамнотежа. Рускиот предлог практично значи враќање на военото присуство на НАТО кон состојбата пред големиот бран на проширување. Но Западот сам се доведе во таква ситуација, не почитувајќи ги своите обврски. За ова мора да биде потсетена јавноста, затоа што, правејќи една принципиелна паралела, и Македонија е жртва на непочитување на меѓународното право. Но Русија не е Македонија. Таа е светска сила. Е сега, со овие барања на Москва, таквата операција би имала далекосежни последици. Полска и балтичките држави, Естонија, Летонија и Литванија, би се нашле во суштински изменета безбедносна положба – анализира нашиот соговорник.

Москва ја проширува рамката на преговорите

Особено значаен дел од документот е барањето за прекин на какви било воени активности на НАТО во Украина, но и во поширокиот географски простор на Источна Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија. Со тоа Москва ја проширува рамката на преговорите.
– Украинската војна, според руското становиште, не треба да биде решавана изолирано, како конфликт меѓу две држави. Проблемот е многу подолг и подлабок. Тој е континуитет на многу поширока конфронтација, која беше во баланс, но либералните западни елити и нивните амбиции го урнаа, ајде да се изразам така, „детантот меѓу Русија и Западот“. Ова е суштината на она што Владимир Путин постојано го нарекува „отстранување на основните причини за конфликтот“. За Кремљ, тие причини не се сведуваат само на статусот на украинските територии или на идните граници на Украина. Во нив влегуваат и проширувањето на НАТО, воената соработка на Западот со Киев, присуството на западна воена инфраструктура во регионот и можноста Украина во иднина да стане членка на Алијансата. Во практична смисла, Москва бара Украина да биде исклучена од западната воена безбедносна архитектура, но и да се ограничи воената соработка на НАТО со други држави од повоениот (Втора светска војна – н.з.), постсоветскиот простор. Тоа е барање со кое Москва се обидува да направи т.н. restitutio in integrum (враќање во поранешната состојба), односно геополитичка зона како територија – тампон на западната експанзија – анализира нашиот соговорник, дипломат.

Новиот „нуклеарен услов“: Москва ги отвора и француските и британските арсенали

Еден од најзначајните елементи во новиот документ е поврзан со нуклеарното оружје. Според нашиот дипломатски брифер, Русија повторно бара преиспитување и укинување на механизмите за американско нуклеарно одвраќање во Европа, познати како „нуклеарно споделување“ (nuclear sharing). Но овој пат барањата одат и чекор понатаму.
– Москва сака Франција и Велика Британија да се откажат од можноста нивните нуклеарни капацитети да бидат ставени во функција на заштита на други европски држави. Ова барање е особено важно поради променетата безбедносна клима во Европа. Во последните години, особено со отворањето на прашањето за долгорочната сигурност на американските безбедносни гаранции, во европските престолнини сè почесто се дискутира за поголема европска стратегиска автономија и за улогата на француските и британските нуклеарни политики. Москва очигледно сака однапред да ја ограничи можноста за создавање дополнителен европски нуклеарен штит независно од Вашингтон. Со други зборови, Русија не бара само НАТО да се повлече географски туку и да се намали нуклеарниот безбедносен чадор врз кој се потпираат европските сојузници. Тоа е суштинско прашање за иднината на европската одбрана – анализира нашиот брифер, дипломат што имал можност да разгледа делови од рускиот неофицијален документ доставен до „Њујорк тајмс“.

Западната воена помош за Украина – целосен прекин

Уште едно барање со огромни последици е целосното запирање на западната воена помош за Украина.
– Според медиумските информации за овој аспект на документот, имено за „целосното запирање на западната воена помош за Украина“, Москва бара „прекин на испораката на секаков вид западно оружје, воена опрема и воени производи за Киев“. Овој услов оди многу подалеку од евентуално замрзнување на конфликтот или договор за прекин на огнот. Доколку биде прифатен, Украина би се соочила со сериозно ограничување на способноста долгорочно да ја одржува својата одбранбена моќ и да ја обновува воената инфраструктура. Особено е значајно што Русија не ја исклучува можноста Украина да стане членка на Европската Унија, но под услов Киев да не учествува во заедничката одбранбена политика на Унијата. Ова е интересна, но и политички пресметана разлика. Москва очигледно прави разграничување меѓу економско-политичката интеграција на Украина во ЕУ и нејзината воена интеграција со Западот. Со тоа се остава можност за европска перспектива на Украина, но без нејзино целосно вклучување во западната безбедносна архитектура – анализира соговорникот. П.Р.


Вашингтон пред тешка дилема:

Мир во Украина или нов договор за Европа?

Посебно внимание привлекува улогата на американската администрација во новите разговори.
– Според информациите објавени во медиумите, американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф се обидувале преку економски поттици да ја охрабрат Москва да покаже подготвеност за компромис. Но руската позиција покажува дека економските понуди сами по себе не се доволни за промена на стратегиските цели на Кремљ. Во разговорите учествувале и високи воени претставници, меѓу кои и американскиот генерал Алексус Гринкевич, кој, според западни медиумски извори, побарал од руската страна конкретно да објасни „зошто постојниот безбедносен поредок во Европа го смета за закана за Русија“. А токму ова прашање ја открива суштината на преговорите. Дали Вашингтон преговара за завршување на војната во Украина или за поширок договор со Москва за идната безбедносна архитектура на Европа? Овие две прашања се поврзани, но не се идентични. Доколку САД прифатат дека руските безбедносни барања треба да станат составен дел од договорот за Украина, тогаш европските држави би можеле да се најдат пред ситуација во која за нивната безбедност ќе се разговара без нивна целосна политичка согласност. Тоа би претставувало сериозен тест за единството на НАТО и за односите меѓу Вашингтон и европските престолнини – анализира нашиот соговорник, дипломат со огромно искуство од областа на меѓународните односи и дипломатија. П.Р.


Доналд Туск / Фото: ЕПА

Полска прва испраќа порака да не се прифаќа рускиот предлог,
бидејќи најмногу е засегната Источна Европа

Полскиот премиер Доналд Туск реагираше веднаш

Полскиот премиер Доналд Туск, според извештаи на неколку полски весници, ги оценил барањата на Русија како „неприфатливи не само за Украина туку и за Европа, особено за државите како Полска“. За Варшава, повлекувањето на НАТО од источното крило би значело суштинска промена на безбедносните услови под кои таа ја гради својата одбранбена стратегија. Слична загриженост постои и во балтичките држави.
Во овие престолнини руското барање не се сфаќа само како предлог за намалување на воените тензии туку и како обид да се ревидираат резултатите од европската политичка трансформација по 1989 година. Токму затоа евентуален договор за Украина не може автоматски да се претвори во договор за безбедноста на цела Европа, сметаат од официјална Варшава.
Според анализата на полскиот Центар за источни студии (ОСВ), прифаќањето на руските барања би значело „фундаментално преуредување на европскиот безбедносен систем во корист на Русија и на штета на државите од источното крило на Алијансата“. Фактот што Москва повторно ги актуализира истите принципи, со дополнителни барања поврзани со француското и британското нуклеарно одвраќање, покажува дека руската позиција не е само привремен инструмент во преговорите за Украина. Таа е дел од долгорочна стратегија. П.Р.


Аналитичарот Алекс Кристофору со анализа и став за средбата на Владимир Путин со американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер

„Руските услови за мир изгледаат нерационално само за Западот“

  • „Она што за колективниот Запад изгледа неприфатливо, од руска перспектива е целосно рационално“, оценува кипарскиот аналитичар, публицист и новинар Алекс Кристофору, коментирајќи ја средбата на Владимир Путин со американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер

Додека дипломатските напори за запирање на војната во Украина продолжуваат, во јавноста излезе една многу интересна анализа од западниот аналитичар и публицист со кипарско потекло Алекс Кристофору, кој отвори еден различен агол при опсервација на средбата во Москва: „Дали Западот воопшто се обидува да ги разбере безбедносните позиции на Москва или однапред ги отфрла како неприфатливи?“
Осврнувајќи се на средбата на рускиот претседател Владимир Путин со специјалниот пратеник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, и со Џаред Кушнер, Кристофору укажува на за него детектиран „длабок јаз меѓу руските барања и западните очекувања од евентуалниот мировен договор“.
Според неговата анализа, Москва не ги претставува своите услови како отстапки, туку како прашање на долгорочна национална безбедност. Меѓу барањата што се поврзуваат со руската позиција се ограничување на военото присуство на НАТО во Источна Европа, спречување распоредување западни војници во Украина и воспоставување јасна територијална рамка за завршување на конфликтот.
Токму тука, според Кристофору, се судираат две сосема различни политички и безбедносни гледишта. Она што Москва го смета за неопходна гаранција за сопствената безбедност, западните престолнини го доживуваат како „неприфатливо ограничување на украинскиот суверенитет и европската безбедносна архитектура“.

Дали е можно да се постигне траен мир ако едната страна одбива да ги разгледа стравувањата и интересите на другата?

Ова прашање станува особено важно во момент кога Вашингтон се обидува да отвори дипломатски канал со Кремљ. Средбата на Путин со Виткоф и Кушнер покажа дека разговорите за мир не можат да се сведат само на прекин на огнот, туку неизбежно ги отвораат и прашањата за територијата, НАТО и идниот безбедносен поредок во Европа.
Кристофору со својот коментар укажува на една непријатна вистина за западната дипломатија, а тоа е дека „мировните преговори не можат да успеат само врз основа на условите што едната страна ги смета за праведни“.
– Тоа, секако, не значи дека руските барања треба автоматски да се прифатат, ниту дека тие ги поништуваат украинските права. И руската страна и Западот имаат свои „невозможни услови“, кои во преговорите се сметаат за таканаречени „варијабли“ што треба да бидат предмет на попуштањето на двете страни, но секако во барањата имаат и т.н. „фиксни ставови и услови“ што никако не се ниту би биле предмет на попуштање при преговарањето – вели нашиот соговорник, експерт од областа на преговарање.
Тој додава дека „ако целта навистина е завршување на војната, тогаш разбирањето на позициите на сите страни е неизбежен предуслов. Зашто, договор не се постигнува со тоа што едната страна ќе ја прогласи другата за неразумна, туку со наоѓање решение со кое ќе може да живеат двете или повеќето страни што учествуваат во преговорите“, според нашиот соговорник. П.Р.