ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ

  • По натпреварите одиграни во саботата од лигата Ц, сигурен учесник во доигрувањето е Кипар од групата 2, а од другите групи тоа се Албанија или Белорусија од групата 1, потоа Молдавија или Фарските Острови од групата 3, како и Исланд или Естонија од групата 4. Во плејофот за опстанок во лигата Б се предвидени по два меча, дома и на гости, а репрезентациите од лигата Б во реваншите ќе играат на свој терен

Македонската фудбалска репрезентација, која вечерва ја пречекува селекцијата на Словенија во натпреварот од шестото коло групата 1 во лигата Б на Лигата на нациите, ќе игра во плејофот за опстанок/пласман во лигата Б. По пет одиграни кола во групата 1 води Швајцарија (13 бода), која ги обезбеди првото место и пласманот во лигата А, а потоа се Словенија (осум), Шкотска (седум) и Македонија (без бодови).
Според пропозициите за натпреварување, второпласираните селекции во групите во лигата Б ќе играат во плејофот за пласман во лигата А, против репрезентација од лигата А, третопласираните ќе обезбедат опстанок во лигата Б, а селекциите на четвртите места ќе играат во плејофот-дуелите за опстанок во лигата Б со селекција од лигата Ц.
По натпреварите одиграни во саботата одредени се седум можни ривали на македонската репрезентација од лигата Ц, од која во тој плејоф ќе играат селекциите што ќе го освојат второто место во своите групи.
Така, сигурен учесник во доигрувањето е Кипар од групата 2, а од другите групи тоа се Албанија или Белорусија од групата 1, потоа Молдавија или Фарските Острови од групата 3, како и Исланд или Естонија од групата 4. Од овие селекции, во шестото коло меѓу себе ќе играат Албанија и Белорусија, како и Молдавија и Фарските Острови, Исланд се среќава со Луксембург, а Естонија со Бугарија.
Од лигата Б по пет кола сигурен пласман во доигрувањето има репрезентацијата на Македонија. Во плејофот за опстанок во лигата Б се предвидени по два меча, дома и на гости, а репрезентациите од лигата Б во реваншите ќе играат на свој терен.
По пет одиграни кола, пласман во највисок ранг, со освојување на првото место во група во лигата Б, обезбедија Швајцарија, Австрија и Шведска, а во лигата Б, како победници во една од групите во лигата Ц, се пласираа Црна Гора и Словачка.
Во четврт-финалето на Лигата на нациите за сезонава, пак, пласман обезбедија европскиот и светски првак Шпанија, освојувачот на бронзен медал од Светското првенство годинава, Англија, двете од групата 3, како и актуелниот победник на Лигата на нациите, Португалија, од групата 4. Потенцијални учесници во трката за трофејот се и Италија, Франција и Белгија од групата 1, Холандија, Грција и Германија од групата 2, како и Данска и Норвешка од групата 4.

Лигата на нациите за изданието во сезоната 2028/2029 преминува во нов систем на натпреварување, со три лиги, наместо сегашните четири (А, Б, Ц и Д), во кои ќе има по 18 репрезентации, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Во новата лига А ќе настапат учесниците во четвртфиналните дуели сезонава, потоа двете највисокорангирани третопласирани селекции во групите на лигата А, четирите победници на групите во лигата Б и четирите победници на плејофот, во кој ќе учествуваат двете најнискорангирани третопласирани и двете највисокорангирани четвртопласирани репрезентации во групите во лигата А, како и четирите второпласирани од групите во лигата Б, пишува УЕФА.
Лигата Б, пак, ќе се состои од двете најнискорангирани четвртопласирани селекции од лигата А, потоа од третопласираните репрезентации во групите во лигата Б од сезонава, победниците на групите во лигата Ц, поразените од плејофот за пласман во лигата А, како и победниците на плејофот за пласман во лигата Б.
Во лигата Ц ќе настапат сите шест селекции што сега се во лигата Д, потоа поразените од плејофот за пласман во лигата Б, како и третопласираните и четвртопласираните репрезентации од лигата Ц.
Вкупниот пласман во Лигата на нациите е важен и за одредување на местата на 54-те селекции во барабаните пред ждрепката за квалификациските групи за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година, пишува УЕФА. Првите четири барабани ќе имаат по 12 селекции, а во петтиот ќе бидат шест репрезентации.
Се очекува сезонава на Лигата на нациите да биде поврзана и со квалификациите за пласман на европско првенство, откако врз основа на резултатите во Лигата на нациите, на некои репрезентации ќе им се даде втора шанса да влезат во плејофот за пласман на Европското првенство во 2028 година во Обединетото Кралство и во Република Ирска, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.


ЛИГА НА НАЦИИ, ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

Фарски О. – Молдавија 16 ч.
Казахстан – Словачка 16 ч.
Естонија – Бугарија 18 ч.
Исланд – Луксембург 18 ч.
Литванија – Лихтенштајн 18 ч.
Македонија – Словенија 20.45 ч.
Германија – Холандија 20.45 ч.
Грција – Србија 20.45 ч.
Швајцарија – Шкотска 20.45 ч.
Гибралтар – Малта 20.45 ч.

ЛИГА Б, ГРУПА 1
Шкотска – Македонија 2-1
Словенија – Швајцарија 0-0
Македонија – Словенија 20.45 ч.
Швајцарија – Шкотска 20.45 ч.

ТАБЕЛА
Швајцарија 5 4 1 0 11-1 13
Словенија 5 2 2 1 5-3 8
Шкотска 5 2 1 2 5-6 7
Македонија 5 0 0 5 1-12 0