Македонскиот кардиолог, професор и алпинист Сашко Кедев е најстариот алпинист во светот кој се искачил на сите 14 планини повисоки од 8.000 метри.
Со искачување на врвот Гашербрум I Кедев го заокружи овој предизвик на 20 јули 2025 година, на возраст од 63 години и 14 дена, со што влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстарата личност во светот што се искачила на сите планински врвови над осум илјади метри надморска височина.
Д-р Кедев, кој е роден на 6 јули 1962 година, исто така, е најстарата личност која ги искачила сите планини повисоки од 8.000 метри, како и „Седумте врвови“ (највисоките точки на секој од континентите).
Овој подвиг го остварил во периодот помеѓу 14 јануари 2008 година (Аконкагва во Јужна Америка) и 6 ноември 2011 година (Пункак Џаја, познат и како Пирамида Карстенц, во Океанија).
Планини над 8.000 метри, коишто ги има освоено Кедев се:
Еверест: 19 мај 2009
Манаслу: 27 септември 2021
Дхаулагири I: 9 април 2022
К2: 22 јули 2022
Брод Пик: 29 јули 2022
Анапурна I: 15 април 2023
Нанга Парбат: 2 јули 2023
Чо Оју: 2 октомври 2023
Макалу: 5 мај 2024
Лхоце: 13 мај 2024
Гашербрум II: 22 јули 2024
Шиша Пангма: 4 октомври 2024
Канченџунга: 23 мај 2025.
Гашербрум I: 20 јули 2025
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова во ноември минатата година го одликува Кедев со Орден „8 Септември“, за особените заслуги во медицината, како и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец којшто ги искачил 14-те светски планински врвови над 8 000 метри надморска височина.
Кедев, на доделувањето на наградата, порача дека освојувањето на 14-те највисоки врвови во светот го смета за национален успех којшто го посвети на сите Македонци.
– Тоа што ми даде сила беше токму тоа да го однесам македонското знаме и македонското име на сите врвови. Тој успех го посветувам на сите граѓани и сите Македонци каде и да се во светот- порача Кедев, пренесува МИА.

































