Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов, ги презентираше резултатите од работењето на Фондот во изминатите две години. Во отчетот се осврна на зголемувањето на пензиите, финансиското работење на Фондот, дигитализацијата и соработката со пензиските институции во странство.
Според Мемов, од септември 2024 до март 2026 година месечните пензии кумулативно се зголемиле за 7.000 денари по пензионер преку линеарни покачувања. Во септември 2026 година следувало дополнително зголемување од три проценти, овојпат според пропорционален модел.
Мемов рече дека, според финансиските резултати за 2025 и 2026 година, Фондот ги подмирувал обврските навреме и во целост, во рамките на планираните параметри. Тој посочи дека стареењето на населението и односот меѓу бројот на осигуреници и пензионери остануваат предизвик за долгорочната одржливост на системот.
Според него, Фондот започнал стручна дебата за тоа како висината на пензијата подобро да се поврзе со уплатените придонеси, а притоа да се зачува солидарноста во системот.
– Нашиот став е дека реформите мора да бидат одржливи, аргументирани и правични, без загрозување на стекнатите права на сегашните пензионери – истакна Мемов.
Во делот за модернизацијата, тој ги наведе дигитализацијата на архивата и унапредувањето на информатичките системи. Посочи и дека е намален бројот на нерешени предмети во одредени области, вклучително и во комисиите за процена на способноста, и дека повеќе предмети се решаваат во законските рокови.
Мемов рече дека договорите и протоколите за електронска размена на податоци со европските пензиски институции овозможуваат побрза обработка на предметите и полесно остварување на пензиските права на граѓаните со стаж во странство.
На крајот од отчетот, тој оцени дека преземањето на функцијата во 2024 година било можност програмските заложби на ЗНАМ да се преточат во конкретни мерки.
– Не тврдиме дека сите проблеми се решени. Свесни сме дека пред нас има уште многу работа. Но, граѓаните имаат право да знаат што е направено, какви се резултатите и кои се следните чекори – рече Мемов.































