Индустриското производство бележи позитивни резултати, што е особено значајно ако се земат предвид актуелните економски состојби во светот и Европската Унија, која е најголем трговски партнер на земјава. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека охрабрувачки е податокот за растот на прометот во индустријата од над 5,5 проценти во споредба со третиот квартал минатата година, што, како што посочи, укажува на зголемена економска активност и на домашниот и на меѓународниот пазар.
Мицкоски нагласи дека позитивните движења во индустрискиот промет се надоврзуваат на претходно забележаниот раст на извозот.
Тој оцени дека ваквите економски показатели не одат во прилог на очекувањата на опозицијата, која, според него, посакува негативни економски резултати.
-Сите индикатори укажуваат на тоа што ние уште на самиот почеток го велевме, дека треба трпение, дека мора полека да ги консолидираме работите и еве конечно, по речиси две и пол години, дојдовме до точка нула, а бевме во длабок минус. Дојдовме до точка нула, онаму од каде што би требало да почне некој што е на власт, и од сега очекувам само раст, но тоа не зависи секогаш само од нас, туку и од состојбите во светот. Се надевам дека за многу скоро од денеска ќе можеме да зборуваме за поинтензивен развој – изјави Мицкоски.
Премиерот ова го истакна при увидот во градежните активности на проектот „Подобрување на системот за водоснабдување во руралната населба Каменик“, во Општина Кисела Вода.
































