Фото: „Нова Македонија“

МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА – МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО

Мистично на современ македонски јазик значи нешто таинствено и загадочно. Таква е и нашата Македонија – многу таинствена и како да не сака да ги открива своите тајни пред генерации што уште го немаат достигнато потребното ниво на свест за да ја спознаат нејзината големина. Многу генерации Македонци во минатото имале примери за луѓе што го истражувале необјаснивото дамнешно минато на Македонија, но дали ние денешните генерации Македонци воопшто сме свесни за значењето на трудот и пожртвуваноста на оние пред нас? Можноста да живееме во време кога на достоинствен начин, со сопствени ресурси можеме на целиот свет да му покажеме дека во нашата Македонија постои културно наследство од светско значење, но и дека умееме да ги употребуваме природните ресурси многу внимателно и одржливо, како и да го промовираме туристичкиот потенцијал на Република Македонија со наратив што ќе го претставува македонскиот идентитет, како регионално така и интернационално.
Што (не) знаеме за Македонија? Авторот на овие редови одамна си призна дека не знае многу, но и дека „треба да се јадат многу фурни леб“ за да се стигне не до мислење за одреден сегмент од енормното минато на Македонија, туку до цврсто изграден став што на соодветен начин би ѝ се претставил на јавноста. Не треба да се срамиме од она што не го знаеме, бидејќи никој жив на овој свет никогаш не можел, ниту ќе може да знае сè. Но секако дека треба да се срамиме ако сме свесни за сопственото незнаење и го продлабочуваме со игнорирање наместо со љубопитност и скептицизам преку кои големото „непознато“ ги отвора „портите на перцепцијата“ и овозможува увиди што иако носат знаење, го продлабочуваат незнаењето на еден друг начин од игнорантноста и го водат човека кон спознавање, како на светот така и на векот во кој живее. Парадоксално или не, слично како „големиот изум“ на „мудрите алхемичари од Македонија“ кај Маркез и записот во древниот свиток од Македонија – кој бил катализатор на европската ренесанса, а во кој стоело дека „она што е долу е исто како и она што е горе…“ и така натаму. Од летото минатата 2025 година до денешниот момент во кој го пишувам овој текст, на страниците на „Нова Македонија“ објавивме над 200 текста, од кои околу една четвртина се дел од овој фељтон, кој трае повеќе од година и за кој се надевам дека ќе потрае… бидејќи, како што запишале легендите од Младата македонска книжовна дружина во списанието „Лоза“: „Љубовта кон татковината е навистина свето чувство, неизбежно е за секој човек, и неопходно за оние во кои останала трага од чест…“…и, како што останало од големиот Прличев: „Не е ли голем срам за Македонците, кои едно време преку Александра Великаго го покорија цел свет, кои после преку светите Кирил и Методија покрстија милиони Словени и ги просветија, денес ние да бидеме најдолни од сиот свет во просвештението…“, …а нè потсетил и Мисирков: „Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух – јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам, изјаснет преку ’простачките умувања на еден човек што уште не си ја знае народноста‘“.

Дали сме подготвени да ја раскажеме нашата приказна, објективно, но и да ги поставиме вистинските прашања на кои ако не денешните возрасни, можеби помладите и идните генерации ќе им најдат одговори? Во претходните продолженија на овој фељтон можевте да читате многу податоци и факти, официјални и алтернативни толкувања на историјата и археологијата, но и митологијата, како и да добиете предлози за места што можете да ги посетите низ Македонија, но и да се запознаете повеќе со проектот „Мистична Македонија“.
По успешното предавање што го одржав во Свети Николе минатиот петок, оваа сабота на 14 ноември, со почеток од 18.30 часот, во порта „Македонија“ во центарот на Скопје ќе го претставам вториот дел од серијата презентации „Мистична Македонија – музеј под отворено небо“. Бидејќи „ако портите на перцепцијата биле отворени, на човека ќе му се видело сè како што навистина е – бесконечно“. Бесконечноста е одраз на Македонија, која е духовна сила што опстојала и ќе опстои. Ѕе!

(продолжува)


„Мистична Македонија: Музеј под отворено небо“ во Скопје

Што знаеме, а што не знаеме за Македонија? Од кога човекот живеел на територијата на денешна Република Македонија? Какви тајни крие древната македонска земја и што можеме да научиме од цивилизациските слоеви од минатото? На 14 ноември (сабота), во порта „Македонија“ во Скопје, со почеток од 18.30 часот ќе се одржи јавно предавање на м-р Никола Ристевски на темата „Мистична Македонија – музеј под отворено небо“. Презентацијата на природните ресурси, културното наследство и економскиот потенцијал на Република Македонија, по успешните претставувања во Хрватска, за првпат се прикажува во Скопје.
Ова мултидисциплинарно предавање ги води присутните во длабоко патување низ времето и просторот, откривајќи ја Македонија како музеј под отворено небо во кој митовите и науката се испреплетуваат. Предавањето е наменето за истражувачи, студенти, културни и туристички работници, како и за сите љубители на историјата и мистериите што сакаат да ја согледаат Македонија низ една сосема нова, длабока и инспиративна перспектива. Билетите се во претпродажба преку веб-страницата tix.mk.

М-р Никола Ристевски