Ерупција

Историјата го помни „Времето на теророт“ во Франција или периодот на насилни немири и масовни погубувања во 1789 година. Сите тие непријатни случувања ќе ја следат и во наредната декада. Истата таа 1789 година се смета за година на падот на „Бастилја“ и година на Француската револуција. Всушност тие случувања се увертира на големи општествено-политички промени во политичката историја на Франција, па и во Европа каде што се случиле и нови прекројувања на границите. Во Франција, структурата на власта била апсолутна монархија со феудални привилегии каде што доминирале аристократијата и католичкото свештенство. Со револуцијата и реформите инспирирани од идеалите на просветителите за република, граѓанство и човечки права, доаѓа до големи промени. Следните 75 години, Франција ќе ги живее републиката, диктатурата, уставната монархија и империјата. Како и да се земе, во секој од овие системи, страдале сиромаштијата и средниот сталеж. Во која било од овие фази, се чини дека спротивностите не само што не исчезнале туку и се продлабочиле. Дури и денес, барикадите и улиците во демократска и либерална Франција каде што одамна е застапена демократијата како икона и врв за праведно владеење се поле на различни видови пресметки што го тресат целото општество. Да, сведоци сме за ерупција од континуирани протести во кои учествуваат различни профили од општествената структура со засега магливи барања. Како што одминува времето, се чини дека сѐ појасни се и сѐ поконкретни.
Гори ли Париз? Се сеќава ли некој на воениот спектакл од 1966 година на Рене Клемент со Жан Пол Белмондо, Лесли Карон, Кирк Даглас и другите ведетина филмот? Да, и тогаш гореше Париз, но од сосема други причини. Организираниот отпор на генералот Шарл де Гол тргна во конечна битка за целосно ослободување на Градот на Светлината од германскиот фашистички окупатор.

За време на Студената војна, мирот беше императив за големите сили и двата големи воени блока НАТО и Варшавскиот договор, а Париз беше убавина пред која и боговите молчат, сон за многу туристи од целиот свет. Е, дојде време кога и денес, по поминати векови, пред споменикот на „Бастилја“ се свири и пее „Bella ciao“? „Bella ciao“ („Збогум убавице“) е италијанска партизанска песна што во светот се користи како симбол на слободата и отпорот. Секако дека француската држава не е дојдена до дереџе кога нејзините правдољубиви луѓе ќе се свртат едни против други, но не е и за рамнодушен пристап кон сето она што ѝ се случува. Освен тоа, почна да гори и Европа, а пуританска Полска не остана понастрана од непријатни класични терористички удари. Млад човек што се смета за десничар, иако е веќе маглива идеолошката поделба, па не се знае ни кој јаде ни кој плаќа, застрела невини луѓе среде бел ден и среде улица за потоа да згасне и неговиот живот. Не е јасно какви сѐ причини го натерале најпрвин да се пресмета со неговите најблиски и дури потоа да го започне својот налудничав пир по улиците на величествениот Краков. Жалосно е што сето ова се случува во економски исклучително напредни општества. Што е многу значајно, во повеќето случаи, естаблишментот на земјите во кои еруптираат немири молчи мудро и ретко е пред медиумите. Неверно е дека политичарите нема што да кажат. Наместо нив, на улиците врие од полициски ешалони. Во Франција, на пример, повеќе од 70 илјади. Нивната опрема ја надминува онаа од СФ-филмовите. Тежи двојно повеќе од тешката опрема на хокеарите, а за оружјето со кое се служат за да ги растераат оние што користат демократски средства за да го искажат сопствениот гнев насобран од неправдите, да не правиме збор. Тие подвижни робокопи што треба да му ја гарантираат безбедноста на секој граѓанин употребуваат доста насилни инструменти од својот богат репертоар. Попусто е да се обвинуваат мигрантите, бидејќи пред екраните на светските ТВ-куќи дефилираат пред сѐ млади студенти и ученици што имаат разумни барања за сопствениот развој и развојот на Франција. Впрочем, западната страна со најостри изјави ги осудува постапките на полициските единици од малите држави, кои „демек“ употребуваат прекумерна сила врз сега прогресивните млади сили. Некогаш беше Француската револуција со поедноставено слични потреби и намери во далечната 1789 година кога истата таа „Бастилја“ падна, а казаматите беа отворени не толку за да се ослободат разните профили затвореници колку симболично да се каже дека стигна слободата и во најтемниот дел од општеството. Како многу помал демократ, Рама барем изнесе столчиња за дијалог со понижените и навредените на Достоевски. Сироти контејнери и канти за смет. Тие се најголема колатерална пакост на сета оваа неразумна и неразбирлива ѓурултија на менито на разумот или безумието. Но како што се вели вообичаено зад планината нешто се случува, па така и во овој еруптивен случај. Можеби сето ова е увертира во нешто што може да звучи мошне непријатно. Улични борби меѓу демонстрантите крстени како хулигани (бројноста го демантира тоа) и полициските сили. Навлечени едни на други, безмилосно ги трошат своите капацитети, несвесни дека меѓу нив се и најблиски роднини и пријатели, луѓе на кои им зависи парчето леб. Зарем општествата имаат толку пари вишок, па нема на што да ги трошат? Ете, да кажеме, што е толку економски проблематично да се обезбеди финансиски и достоинствен човечки живот ако се одврзе преполно ќесе и се покачат личните примања на плебсот? Попусто е дури и ако меѓу органите на редот има луѓе со спротивно мислење од добиените инструкции и заповеди. Војната на улиците од Валтер Хил на времето ги третираше пресметките на уличните банди. Сега сето тоа како да се преслика со други актери и во друга форма. Притоа, со сериозна закана за поголеми судири. Искрено, не се знае колкав народ треба да излезе на улици за да претставува сериозен противник на полициските кордони и солиден партнер за разговор со оние што тој ги избрал за да ги штитат заедничките интереси. Француските придавки или изразот „tout droit“, што во слободен превод значи „само право“ напишан на транспарентите на „натрапниците“, се поистоветува со изразот Том и Џери како правило на вечна спротивставеност на класите.

Француската буржоаска револуција започнала со незадоволството на над 20 милиони селани и незадоволно граѓанство. Привилегиите ги имале аристократите и клерот – свештенството. Бидејќи се практикувал камерализмот (начин на полнење на државниот трезор), сиромаштијата и средниот сталеж го полнеле, а го празнеле привилегираните. Тие иако во помал број или плаќале ниски ставки на данок или воопшто не го правеле тоа. Не знам дали и што се случува во денешна Франција, која е шеста економска сила во светот. Веројатно повторно незадоволства. Иако бунтовниците во своите редови имаат и хулигани, сепак постојат и правдољубиви, понижени, разумни и чесни. Франција на Иго, Жан Пол Сартр, Волтер, Марија Кири, Ајфел, Декарт, Пастер, Зола, Де Гол, Дебиси, Едит Пјаф, Коко Шанел, Де Шамп, Зидан, Мбапе, сигурно дека ќе знае да се справи со предизвиците. Но едно е сосема сигурно, ние малите сѐ потешко ќе ги прифаќаме советите и препораките по сето она што можевме да го видиме во сервисите на големите медиумски куќи.

Авторот е писател