ФУДБАЛ – НОЕМВРИСКИ МЕЧЕВИ ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ
- Црвено-жолтите вечерва играат на гости со Шкотска, учесникот на СП 2026, а в понеделник ја пречекуваат Словенија
Македонската фудбалска репрезентација вечерва (од 20.45 часот) ќе го има шестиот меѓусебен меч со селекцијата Шкотска, трет во Глазгов (прв во тој град по 14 години), во петтото коло од групата 1, во дебитантската сезона во лигата Б на Лигата на нациите. Шкотска летово деветти пат учествуваше на светските првенства (СП). Со двете кола во ноември, во кои Македонија в понеделник ќе игра и со Словенија во Скопје, ќе се заокружи групната фаза, по што ќе следуваат дуелите за титулата (во лигата А), за опстанок и за пласман во повисок ранг (лигите А, Б и Ц).
По четири кола води Швајцарија со 12 бода, а потоа се Словенија со седум, Шкотска со четири и Македонија без бодови. Во лигата Б, победниците на групите ќе се пласираат во лигата А, второпласираните ќе играат плејоф за пласман во највисокото ниво на Лигата на нациите, третопласираните ќе опстанат во лигата Б и ќе ја завршат сезоната, а четвртопласираните ќе настапат во плејофот за опстанок во лигата Б, против второпласирана селекција од групите во лигата Ц. Во лигата А, пак, по групната фаза најдобрите две репрезентации од секоја од четирите групи ќе се пласираат во четврт-финалето, на патот кон трофејот, кој го брани Португалија.
Лигата на нациите во сезоната 2028/2029 преминува на нов систем, со три лиги, наместо четири, во кои ќе има по 18 репрезентации. Сезонава во Лигата на нациите е важна и за составот на барабаните за ждрепката за квалификациите за пласман на Европското првенство во 2028 година, а се очекува и сезонава Лигата на нациите да биде поврзана со квалификациите за пласман на европско првенство, преку плејофот. Н.М.
ЛИГА Б, ГРУПА 1
Шкотска – Македонија 20.45 ч.
Словенија – Швајцарија 20.45 ч.
ТАБЕЛА
Швајцарија 4 4 0 0 11-1 12
Словенија 4 2 1 1 5-3 7
Шкотска 4 1 1 2 3-5 4
Македонија 4 0 0 4 0-10 0
































