Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната надзорна расправа пред собраниската Комисија за финансирање и буџет порача дека во врска со случајот со Алта банка Битола мора да се прави разлика меѓу фактите и политичките интерпретации, документите и претпоставките, како и институционалната одговорност и политичките конструкции, пренесе МИА.
Таа истакна дека во изминатите денови во јавноста биле изнесени бројни тврдења и обвинувања за наводна вмешаност на Министерството за финансии во случајот, но оцени дека одговорноста треба да се утврдува врз основа на законите, документите и конкретните постапки, а не преку политички изјави.
Според министерката, институционалната одговорност не се утврдува според гласноста на обвинувањата, туку врз основа на законските надлежности и доказите.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека Министерството за финансии е подготвено да одговори на сите прашања што се во рамките на неговите законски надлежности и да ги презентира релевантните информации и документи. Таа оцени дека надзорната расправа е можност клучните прашања за Алта банка Битола да бидат отворени и фактите транспарентно да им бидат претставени на пратениците и јавноста.
Осврнувајќи се на институционалните надлежности, министерката посочи дека Министерството за финансии и Народната банка имаат различни, законски дефинирани улоги во финансискиот систем.
Како што објасни, Министерството за финансии е одговорно за управувањето со јавните финансии, водењето на фискалната политика, фискалната стабилност и одржливоста на јавниот долг, како и за обезбедувањето предвидливо и сигурно финансирање на буџетските обврски.
Во областа на финансискиот систем, Министерството подготвува и предлага законска регулатива, вклучително и за банкарскиот сектор, учествува во креирањето политики и ги оценува макроекономските состојби и потенцијалните фискални последици од евентуални финансиски кризи.
Од друга страна, надзорот над банките, издавањето и одземањето дозволи за работа, оценувањето на исполнетоста на условите за стекнување квалификувано учество, како и преземањето надзорни и корективни мерки, се во надлежност на Народната банка како независна институција.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека банкарскиот систем е еден од најстрого регулираните сегменти на економијата, поради неговото значење за довербата на граѓаните, сигурноста на депозитите и стабилноста на економијата.
Таа додаде дека одлуките во банкарскиот сектор мора да се носат врз основа на законите, стручните процени и утврдените процедури. Истовремено, посочи дека финансиската стабилност бара соработка и координација меѓу институциите, но тоа не подразбира преземање на туѓи надлежности или префрлање на одговорноста од една институција на друга.
-Нашата обврска е да работиме законито, одговорно и транспарентно, со целосно почитување на независноста на институциите и на принципите на владеење на правото. Верувам дека денешната расправа ќе придонесе јавноста да добие јасна слика за институционалните улоги и одговорности, врз основа на факти, а не на шпекулации – рече министерката.
По воведното обраќање, Димитриеска-Кочоска треба да одговори и на прашањата што ќе ѝ ги постават пратениците.
































