Фото: Маја Јаневска Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, на надзорната расправа во Собранието, ги повика истражните органи и Јавното обвинителство да спроведат транспарентна истрага за случајот со Алта банка, вклучително и за тоа кој ги отуѓувал акциите. Тој одговараше на прашање од пратеникот на Вреди, Аднан Азизи, за наводната поврзаност на Демократската унија за интеграција со банката, пренесе МИА.

Мицкоски рече дека нема официјални информации за тоа кој ги отуѓил акциите, посочувајќи дека надлежна институција треба да го утврди тоа. Додаде дека и самиот за информациите дознал од медиумите и од јавноста, но очекува истрагата да ги разјасни сите околности.

-Сигурен сум дека во една транспарентна истрага од страна на истражните органи, за која охрабрувам и повикувам, Јавното обвинителство ќе утврди и ќе се констатираат сите факти за македонската јавност да биде на чисто – рече Мицкоски.

Во однос на состојбата со Алта банка, премиерот истакна дека приоритет е да се најде нов сопственик за банката да не замине во стечај. Според него, тоа е важно за заштита на доверителите и работните места на вработените, а изрази и оптимизам дека целта ќе биде остварена.

Осврнувајќи се на владината седница во 2023 година, на која било разгледувано и дадено овластување народниот правобранител да ги отуѓи акциите на Алта банка во сопственост на државата, Мицкоски ги наведе функционерите кои тогаш присуствувале.

Меѓу нив биле првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за образование Јетон Шаќири и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Од редовите на СДСМ, како што посочи, присуствувале тогашниот премиер Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за транспорт Благој Бочварски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и Љупчо Николовски.

Мицкоски оцени дека опозицијата нема основа да ја критикува актуелната состојба и да изнесува обвинувања во врска со случајот.

Пратеникот Аднан Азизи, пак, изрази загриженост поради отсуството на пратениците на ДУИ од надзорната расправа. Тој посочи дека во јавноста се појавиле информации за семејни врски меѓу функционери на партијата и сопствениците на Алта банка, како и лицата поврзани со нејзиното доаѓање во Македонија.

Азизи оцени дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, требало да присуствува на расправата и да одговори на прашањата за наводната поврзаност со компанијата „АС Сењак“, која, според него, претходно го продала својот удел на српската банка. Тој праша дали е точно дека сопственикот на компанијата е сват на Ахмети и дали лидерот на ДУИ знаел за трансакциите.

Пратеникот изнесе и хронологија на трансакциите за кои побара да бидат предмет на истрага. Според неговите наводи, на 24 октомври 2024 година компанијата „АС Сењак“, која ја поврза со сватот на Ахмети, заедно со компанија поврзана со Сашо Мијалков, добила акции во Стопанска банка Битола.

Азизи наведе дека на 9 јуни друга компанија, чиј косопственик е „АС Сењак“, добила кредит од пет милиони евра од Алта банка Белград, додека на 17 септември 2025 година акциите на компанијата, според неговите тврдења, биле продадени на Алта банка.

Тој побара да се истражат и овие трансакции, оценувајќи дека постојат прашања на кои ДУИ треба да одговори.