„Моето заробено срце“ (My enslaved heart), босанска драма што ја напиша и режираше Џан Харба, денеска ќе има светска премиера во „Аполо кино плаза“, во салата 9, во Талин. По проекцијата следува разговор на публиката со режисерот Џан Харба, продуцентот Зоран Ковачевиќ и директорот на фотографија Самир Љума.
Филмот се прикажува во натпреварувачката програма „Шортс њу талентс компетишн: лајв-екшн на ПØФФ шортс“, дел од 30. „Талин блек најтс филм фестивал“.
Директор на фотографија е македонскиот кинематографер Самир Љума, кој заедно со Фејми Даут го сними „Медена земја“, документарниот филм номиниран за Оскар. За „Медена земја“, Љума ја доби наградата на фестивалот „Санденс“ во 2019 година, а заедно со Даут и наградата на Американското здружение на кинематографери (ASC) за документарен филм.
„Моето заробено срце“ е првата соработка на Самир Љума со Џан Харба.
– Работата со Самир беше еден од најпријатните делови од создавањето на овој филм. Како студент, неизмерно бев благодарен кога дознав дека толку почитуван искусен директор на фотографија ја препозна приказната и се приклучи. Покрај искуството и стручноста, перспективите на Самир ја обликуваа приказната – тој воведе гледишта за кои воопшто не размислував и ми помогна појасно да го артикулирам визуелниот јазик на филмот – вели Џан Харба.
Филмот е дипломски проект на Харба, а ги следи Авдо и Златка (улогите ги толкуваат Изудин Бајровиќ и Јасна Жалица), кои за првпат по бегството од војната во 1990-тите се враќаат во Босна. Водени од Авдовите идеализирани сеќавања, тргнуваат на пат низ изменета земја и почнуваат да се прашуваат дали домот што го паметат уште постои.
– Од почеток овој филм е вкоренет во прашањето што значи да копнееш по дом што повеќе не постои. Растејќи во семејство што избега од војната во Босна во 1990-тите, ги гледав моите родители и баба и дедо, како и многу други луѓе од Балканот, како се справуваат со чувства на раселеност, носталгија и изгубеност. Сакав да ги драматизирам тие чувства преку патувањето на Авдо и Златка, двајца луѓе што копнеат да ги надминат поголемите општествено-историски сили, ризикувајќи да бидат проголтани од сопствениот идеализам. Се надевам дека филмот ќе го предизвика чувството на талкање низ светот во потрага по дом што сега постои само како сеќавање – вели Џан Харба, сценарист и режисер на филмот.


































