Фото: Маја Јаневска Илиева

Полициските автомобили ќе добијат мобилни камери со кои ќе можат да ја мерат брзината на другите возила и да регистрираат сообраќајни прекршоци додека се во движење. Истовремено, Министерството за внатрешни работи планира набавка на дополнителни мобилни радари кои ќе бидат поставувани на најопасните сообраќајни точки низ државата.

Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој информираше дека тестирањето на камерите во полициските возила треба да започне во текот на следниот месец, а нивната целосна функционалност се очекува најдоцна до февруари.

Според најавите, новата технологија ќе овозможи прекршоците да се откриваат и надвор од однапред утврдените локации на кои се поставени фиксните камери. На тој начин, возачите нема да можат да ја намалуваат брзината само пред радарите и повторно да забрзуваат веднаш по нивното поминување.

Тошковски објасни дека анализите на МВР покажале оти фиксните камери не се доволни за постигнување на посакуваниот превентивен ефект. Затоа, експертите предложиле постојните полициски возила да бидат опремени со системи што ќе можат да ја детектираат брзината на останатите учесници во сообраќајот и додека патролите се движат.

Покрај тоа, ќе бидат набавени и дополнителни мобилни камери кои ќе се поставуваат на таканаречените сообраќајни црни точки – локации каде што најчесто се случуваат тешки сообраќајни несреќи со загинати и повредени лица.

МВР веќе работи на идентификување на сите критични локации во земјава, вклучително и на магистралните и експресните патишта, а не само во централните градски подрачја.

„Безбеден град“ се шири во Струмица, Штип и Битола

Министерот најави дека системот „Безбеден град“ ќе продолжи да се проширува и во останатите делови од државата.

Според планираната динамика, неговата официјална примена на подрачјето на СВР Струмица треба да започне во првата недела од декември. Потоа следува СВР Штип, каде што активностите треба да завршат до крајот на годината, а наредна е Битола.

Целта е до февруари системот да биде имплементиран на целата територија на државата.

Тошковски ги повика граѓаните да ја разберат потребата од проектот, посочувајќи дека во последните 15 години на македонските патишта животот го загубиле повеќе од 2.000 лица.

Според него, основната цел не е казнувањето, туку спречувањето на сообраќајните несреќи и спасувањето човечки животи.

Десет милиони евра годишно од казни, 25 проценти за МВР

Говорејќи за финансиските ефекти од функционирањето на системот, Тошковски информираше дека се очекува годишниот прилив од наплатените сообраќајни казни да изнесува околу 10 милиони евра.

Од овие средства, 25 проценти ќе се слеваат во буџетот на Министерството за внатрешни работи и повторно ќе бидат инвестирани во активности поврзани со имплементацијата и унапредувањето на сообраќајната безбедност.

Сепак, министерот нагласи дека станува збор за проекции врз основа на досегашната динамика на приливите, а конечните финансиски показатели ќе бидат познати по завршувањето на годината.

Со воведувањето на мобилните радари, дополнителните камери и проширувањето на „Безбеден град“, МВР најавува нова фаза во контролата на сообраќајот, со цел прекршоците да се регистрираат на многу поголем број локации низ државата.