Американскиот претседател Доналд Трамп ја номинираше Кристи Мекормик (Christy McCormick) од Калифорнија за нова амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Македонија. Номинацијата официјално е доставена до американскиот Сенат на 9 ноември 2026 година, соопшти Белата куќа.
Мекормик треба да ја преземе функцијата по завршувањето на постапката за потврдување во Сенатот. Следуваат разгледување на номинацијата, сослушување и гласање во Комитетот за надворешни работи, по што конечната одлука ја носи американскиот Сенат.
Доколку биде потврдена, таа ќе ја преземе функцијата шефица на американската дипломатска мисија во Скопје, на местото на Анџела Агелер, која беше амбасадорка од ноември 2022 до јануари 2026 година. Во моментов дипломатската мисија ја предводи вршителката на должноста амбасадор, Никол Варнс.
Која е Кристи Мекормик?
Новата кандидатка за американска амбасадорка има долгогодишно искуство во федералните институции на САД, особено во областа на изборните процеси, заштитата на гласачките права и владеењето на правото.
Од декември 2014 до јули 2026 година била членка и претседателка на независната федерална Комисија за изборна помош на САД (Election Assistance Commission – EAC). Во текот на ангажманот во ова тело учествувала во неговото институционално реструктурирање, иницирала национални самити посветени на изборните податоци и пристапноста на гласањето, а набљудувала изборни процеси во речиси сите американски сојузни држави.
Значаен дел од нејзиното професионално искуство е поврзан и со американската дипломатска мисија во Ирак. Во периодот од 2009 до 2010 година, во Амбасадата на САД во Багдад работела како виш правен советник и вршител на должноста заменик-координатор за владеење на правото.
Во тој период била ангажирана и како американски експерт за избори, при што го надгледувала спроведувањето на националните избори во Ирак, вклучително и процесот на повторно пребројување на гласовите.
Пред ангажманот во Комисијата за изборна помош, Мекормик работела во американското Министерство за правда, во секторот задолжен за заштита на гласачките права и граѓанските слободи.
Нејзината професионална кариера започнала во сојузната држава Вирџинија, каде што од 1999 година извршувала правосудни и државни функции.
Номинацијата на Мекормик доаѓа во период кога САД треба да го комплетираат дипломатското претставништво во Скопје. Нејзиното евентуално назначување ќе биде ново поглавје во американско-македонските дипломатски односи, но за тоа ќе треба да ја добие поддршката на американскиот Сенат.
































