Јован Мазгански, автор на монографијата „Ванчо Чавдарски – скромниот музички великан“

Македонската музичка сцена добива уште едно значајно сведоштво за ликот и делото на еден од своите музички великани – Ванчо Чавдарски. Во негова чест, Националната опера и балет денеска, во 19 часот, ќе биде домаќин на промоцијата на монографијата „Ванчо Чавдарски – скромниот музички великан“, посветена на уметникот чиј творечки придонес оставил трага во македонската музичка и оперска историја. Преку сеќавања, сведоштва, цитати и документи, монографијата го враќа во фокусот неговиот уметнички пат, но и човекот зад сцената – неговата посветеност, скромност и љубов кон музиката. За значењето на оваа публикација и за личноста и наследството на Чавдарски, разговараме со иницијаторот и автор на монографијата, Јован Мазгански.

Што Ве поттикна да се зафатите со пишување монографија за маестро Ванчо Чавдарски и кога почувствувавте дека неговото дело заслужува вакво сеопфатно документирање?
Отсекогаш сум ги ценел квалитетот, скромноста, трудољубивоста и реалните успеси. Според мене, тие особини ги има маестро Ванчо Чавдарски.
Непосреден повод да се нафатам за пишување монографија беше далечната 2019 година. Во моето и негово родно место Владимирово, во рамките на манифестацијата „Владимирски илинденски денови“, бев задолжен да оформиме „Културно-историска одаја“ во која меѓу другото се сместени повеќе пишувани материјали, слики и други материјали од родени владимирци, но собравме и повеќе артефакти карактеристични за Владимирово и Малеш.
Од Ванчо Чавдарски немавме ништо материјално. Се обратив кај неговата најстара сестра Зора Чепленски, која имаше над 90 години. Таа е пет години постара и, покрај нивниот дедо Глигор, најмногу се грижела за Ванчо по смртта на нивната мајка, кога Ванчо имал четири години.
Сестра му Зора ме прими љубезно и ми стави на располагање повеќе негови писма и фотографии, но и ми ја раскажа прикаската за неговиот растеж како дете и необичен интерес за музика. Меѓу другото ми кажа оти на 10 години, на тамбура со две жици, рачно направена од нивниот дедо, ги свирел сите народни песни што се пееле во тоа време. Поради тоа, малиот Ванчо често бил канет на собирањата на тогашните млади да им свири кога пеат и играат. Ми објасни за скромната имотна состојба на фамилијата, но и за недоволната грижа од нивниот татко. Сепак, со нивниот дедо и грижата на сестрата Зора на малиот Ванчо му се овозможувало да го задоволи своето љубопитство за музиката. Од месниот поп ги научил нотите, а на 12 или 13-годишна возраст малиот Ванчо од своите врсници формирал детски црковен хор со кој диригирал.
Копирав повеќе писма и фотографии и од кажувањата на сестра му, но и од други извори, како што се: текстовите од Марко Коловски, Бојан Ортаков, Васил Атанасов… Напишав монографија од околу 150 страници.
Во меѓувреме дознав дека маестро Чавдарски во Архивот на Македонија оставил многу материјали што ги собирал и ги чувал, од неговите уметнички случки. Тоа се девет големи картонски кутии со илјадници новинарски написи, исечоци од весници, документи сврзани со музиката и сл. Не сум сигурен дали друг уметник направил таков гест. Ги вртев повеќе недели.
Напишав монографија на повеќе од 500 страници. Па требаше да го кратам текстот, за да го доведам на 315 страници, на Б5-формат, на кој е и издадена книгата. Целиот процес траеше над пет години, со паралелна работа на друго мое творештво (без монографијата, 12 издадени книги од повеќе области од животот, сите напишани и издадени по моето пензионирање).

Што содржи монографијата и кои аспекти од животот и професионалниот пат на маестро Чавдарски сметате дека се особено значајни…?
Па маестро Ванчо Чавдарски е еден од ретките од Македонија, па и Балканот, што постигнал блескав успех во светот. Меѓу другото, и единствен со освоено второ место на Светскиот натпревар за млади диригенти во конкуренција од 105 кандидати. Самото тоа буди гордост кај секој македонски патриот. Сведоци сме каква еуфорија се случува кога победува некоја македонска спортска, но и друга екипа. Гордост на секој Македонец се успесите на познати музички и филмски уметници, во карате, во борачки вештини, успесите на младите натпреварувачи во знаење, особено на малиот Македон во математиката и сл.
Од Чавдарски може да се научи многу, пред сѐ за младите ентузијасти и таленти. Талентот е едно – тој е вроден, но да се постигнат врвни резултати, потребни се работа, упорност, секогаш да се тежнее кон совршенство…
Од маестро Ванчо Чавдарски може и треба да се преземат: љубовта кон семејството, фамилијата и татковината, гордоста како родител и дедо, едноставноста како човек, упорноста како карактер, совршенството како уметник, но пред сѐ бескомпромисноста кога е во прашање квалитетот на преземената работа. Инаку, во монографијата се внесени повеќе цитати – изјави на новинари или одговорни лица од областа на музиката, но и наслови од новинарски извештаи, критики и сл.

Зошто е важно да се објавуваат вакви монографски изданија за истакнатите музички дејци? Дали сметате дека македонската музичка историја сè уште има недоволно документирани личности и дела?
Искрено, една ретка личност, како што е маестро Чавдарски, не смее да биде заборавена, и тоа не за него лично. Веројатно тој се насладувал на успесите и пофалбите кога бил жив. Тој мора да се вгради во македонската култура како ретко успешна појава, и како уметник и како човек и како патриот.
За поткрепа, ќе цитирам пишување на медиумите: „Да се зборува за македонската музика, а да не се вгради името на Ванчо Чавдарски, би било не само изневерување туку и осиромашување на современата македонска уметност. Ванчо Чавдарски претставува едно од најсветлите имиња во поновата музичка историја на Македонија“.
Од него треба да учат младите, особено оние во областа на музиката.
Секоја нација треба да гради идентитет и преку успешни лица, како Блаже Конески, Ацо Шопов… во литературата, како Атина Бојаџи во спортот, како Тоше Проески во забавната музика…

Каква порака сакате да испратите со оваа монографија…? Дали Вашата намера беше само да се зачува споменот за Чавдарски или и повторно да се актуализира неговото значење за македонската музичка култура?
Искрено, очекував поинаков однос од надлежните. Иако досега имам издадено 13 свои дела без никаква материјална корист, сето тоа го правам бидејќи сметам дека така треба – да се остави дел од себе во пишаниот збор. Првпат самостојно поднесов барање за средства од Министерството за култура во рамките на редовниот конкурс за 2026 година. Бев одбиен без образложение. Ја отпечатив книгата со средства од мојата скромна пензија, а се надевам оти нешто и ќе вратам од продажба. Досега сум поклонил повеќе примероци, пред сѐ на рецензентот, лекторот… Никогаш не сум очекувал материјална корист од моето пишување. Како пензионер, директно на компјутер творам поезија, проза, но и книги за историски настани, демографски истражувања… Во ова пригода сакам да кажам оти последните месеци издадов книга со есеи, „Моето видување за животот“, во кои промовирам ново видување за животот – душата, како заеднички именител на сите милиони видови живи организми. Книгата чека да се случи скорешна промоција. На таа тема објавив и научен труд во меѓународно списание.