Европските вредности под лупа и во земјите членки на Унијата
- Додека Македонија се соочува со строги критериуми и политички условувања на патот кон ЕУ, правата на малцинствата и владеењето на правото во некои земји членки сè уште бараат сериозна опсервација
Демократските стандарди, владеењето на правото и почитувањето на човековите и малцинските права се темелните столбови врз кои почива Европската Унија. Токму овие принципи се вградени и во критериумите за членство што секоја земја кандидат мора да ги исполни за да стане дел од европското семејство. Но вистинското прашање е колку навистина се почитуваат овие вредности откако една држава ќе го добие посакуваното членство. Имено, сè почесто се отвораат прашања за недоследноста меѓу европските декларации и практиките во одредени земји членки, особено кога станува збор за правата на малцинствата, слободата на изразување и независноста на институциите.
Парадоксот е уште поголем кога истите тие држави, кои и самите треба да бидат предмет на сериозна опсервација за почитувањето на европските стандарди, добиваат можност да поставуваат дополнителни услови пред земјите кандидати, понекогаш и со барања што излегуваат од рамките на вообичаените критериуми за членство и се доближуваат до политички уцени. На тој начин европските вредности почнуваат да се претворат во еднонасочна обврска, односно земјите кандидати да мора постојано да докажуваат дека ги почитуваат, додека од земјите членки се очекува да се подразбира дека веќе ги исполнуваат.
Токму ваквата противречност повторно се актуализира по декларацијата на Работната група за јазични и малцински права на Европската слободна алијанса (ЕФА), во која се изразува сериозна загриженост поради засилените притисоци, институционалното заплашување и судското прогонување на припадниците на македонското и турското малцинство во Грција.
Во декларацијата се посочува дека во текот на летата 2024 и 2025 година, како и во периодот што следува, притисоците врз двете малцински заедници значително се интензивирале, преминувајќи од административни пречки кон координирани активности на заплашување, кривичен прогон и судско вознемирување. Особено се загрижувачки случаите на попречување на културните манифестации на Македонците во Леринскиот Регион. Според ЕФА, грчките власти интервенирале на локални фестивали на кои се пеело и играло на македонски јазик, користејќи инспекциски контроли, пријави за бучава и предвремено прекинување на настаните.
Овие наводи отвораат пошироко прашање за тоа колку се доследни европските институции во примената на сопствените демократски принципи и дали членството во Унијата понекогаш се доживува како своевиден имунитет од критики. Во таа насока е и неодамнешната изјава на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој во дебатата на „Евроњуз“ посочи дека владеењето на правото и демократските принципи треба да се преиспитуваат и во земјите членки на ЕУ. Со тоа, практично, беше отворена дилемата дека европските стандарди не смеат да бидат предмет на проверка само пред влезот во Унијата туку и по добивањето на членството.
Европски вредности со еднакви мерила
За Македонија ова не е само прашање на односите со јужниот и источниот сосед туку и прашање на доследноста на европскиот систем. Ако една земја кандидат мора да поминува низ постојани извештаи, мониторинг, препораки и условувања за да докаже дека ги почитува човековите и малцинските права, тогаш сосема легитимно е да се постави прашањето какви механизми постојат за проверка на истите тие стандарди во земјите што веќе се членки. Од односот кон Македонија, повеќе од очигледно е дека Унијата нема еднакво силна политичка волја да реагира кога проблемите се појавуваат во нејзините редови, а во речиси сите наврати покажува некаква европската солидарност, која станува поважна од доследното инсистирање на демократските принципи.
Македонија има основа да бара ова прашање да се интернационализира и да не остане затворено во рамките на билатералните недоразбирања со Грција или Бугарија. Заштитата на малцинските права не е македонска дипломатска измислица, ниту, пак, прашање што треба да се третира како спор меѓу две соседни држави. Станува збор за универзално човеково право и за обврска што произлегува од европските и меѓународните стандарди. Оттука, македонските власти треба да инсистираат овие прашања да бидат разгледувани низ призмата на европските институции и нивните вредности, а не секогаш да се враќаат на теренот на билатералните политички пресметки.
Во таа смисла, реакциите на македонските институции се важни, но исто толку е важно тие да не останат само на ниво на дипломатски соопштенија и повремени протести. Потребен е континуиран институционален пристап, со документирање на случаите, нивно доставување до релевантните европски и меѓународни организации и барање конкретни одговори од институциите што имаат надлежност да ги следат човековите права. Гласноста не треба да биде израз на конфронтација со соседите, туку настојување европските принципи да важат еднакво за сите. Тоа особено важи по најавите дека Бугарија ќе притиска да се затвори прашањето околу имплементацијата на пресудите во полза на македонското малцинство во оваа земја, без да мора да ги спроведе.
– Политиката на Бугарија е насочена кон негирање и постепено бришење на македонскиот идентитет, за кој властите во Софија сметаат дека никогаш не постоел – вели првиот човек на ОМО „Илинден“ – Пирин, Стојко Стојков.
Според него, во очите на официјална Софија решението за сите проблеми е да ги снема Македонците, притоа упатувајќи апел до македонските власти „да не дозволат политика на виткање кичма“ и да не се прават компромисни отстапки.
Ако европските институции бараат од Македонија да ги исполнува највисоките демократски стандарди, тогаш тие не можат да бидат селективни кога станува збор за нивната примена во земјите членки. Не може употребата на еден јазик, културното изразување или правото на малцинска заедница да го негува сопствениот идентитет да бидат прашања што се релативизираат во зависност од политичките интереси на одредена држава.
Проверка и по влезот во Унијата
Токму затоа изјавата на хрватскиот премиер во дебатата на „Евроњуз“ заслужува пошироко внимание, бидејќи укажува на потребата од постојана проверка на демократските стандарди и по стекнувањето на членството.
– Ако и самите европски лидери признаваат дека владеењето на правото и демократските принципи не се нешто што еднаш се исполнува и потоа трајно се подразбира, тогаш се наметнува прашањето зошто Унијата не воспоставува еднакво ефикасна практика на следење на овие состојби кај сите свои членки. Особено кога станува збор за правата на малцинствата, кои не смеат да зависат од политичката волја на мнозинството или од историските и политичките толкувања на одредена држава. Македонија, секако, не треба да се откажува од реформските обврски и од исполнувањето на критериумите за членство, но истовремено не треба да прифаќа европските вредности да се претвораат во критериум што важи само за неа, додека состојбите во земјите што ја условуваат остануваат на маргините на европската расправа. Напротив, токму преку доследно повикување на европските принципи земјата може да покаже дека не бара посебен третман, туку еднакви мерила и еднаква одговорност – велат поранешни дипломати со кои се консултиравме.
Според нив, суштинската дилема е дали Европската Унија ќе биде подготвена да ги применува сопствените вредности и кога тоа е политички непријатно за некоја од нејзините членки.
– Ако правата на малцинствата и владеењето на правото се услов за влез во Унијата, тие мора да бидат и обврска по влезот. Не може Грција и Бугарија да се однесуваат како тоа да не важи за нив, правдајќи се со нивните устави. Европските вредности мора да важат за сите, а не само за оние што чекаат пред вратата, како Македонија на пример, која во почитувањето на малцинските права е далеку пред многу земји членки на ЕУ и тоа е нотирано во сите извештаи на релевантните меѓународни институции за малцински права. Од друга страна, ЕУ треба да ги преиспита премногу флексибилните правила за оние што веќе се внатре, кои очигледно забораваат што потпишале при пристапувањето – констатираат нашите соговорници.
































