ФУДБАЛ

Кејн: Во Баерн се чувствувам како дома

Хари Кејн го продолжи договорот со Баерн до 2029 година, една недела откако ја освои „Златната топка“. Кејн се пресели во Баерн од Тотенхем во 2023 година. Неговиот договор требаше да истече на крајот на сезонава. Тој постигна 156 гола на 161 меч за Баерн, а собори и рекорди во Бундеслигата.
– Во Баерн се чувствувам како дома. Ги сакам клубот, навивачите и градот Минхен. Имаме фантастичен тим и, во Винсент Компани, фантастичен тренер. Многу ме прави горд што сум дел од овој клуб. Целото мое семејство е многу среќно тука. Бев желен да останам. Сега се радувам на иднината и сакам да освојам уште многу титули со овој голем клуб – рече Кејн, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Н.М.


НБА-ЛИГА

Дончиќ е третиот кошаркар со барем 300 поени во првите осум меча во една сезона

Лука Дончиќ постигна 40 поени во својот шести натпревар по ред со најмалку 35 поени, а Лос Анџелес лејкерс го победи Сакраменто на гости со 116-103 во меч од кошаркарската НБА-лига, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Дончиќ имаше уште еден импресивен настап во постигнувањето поени, со шест тројки и 12 погодени од 13 слободни фрлања, а Лејкерс ја забележа седмата победа во претходните девет меча сезонава. Тој имаше и девет скока и седум асистенции.
Дончиќ играше во осум од деветте натпревари на Лос Анџелес лејкерс и постигна 308 поени, станувајќи првиот кошаркар што надминал 300 поени во своите први осум средби во сезоната, откако Мајкл Џордан имаше 303 во сезоната 1988/1989. Единствениот играч што постигнал повеќе поени во своите први осум натпревари во една сезона беше Вилт Чемберлен, кој го направи тоа трипати, со максимумот од 418 поени во своите први осум натпревари во сезоната 1962/1963, пишува АП. Н.М.


Надал доби понуда за место во одборот на директори на Реал Мадрид

Тенискиот великан Рафаел Надал доби понуда за место во одборот на директори на фудбалскиот клуб Реал Мадрид, додавајќи улога во неговиот омилен фудбалски клуб во своите планови за пензионирање откако ја напушти турнејата пред две години, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Сакам да им се заблагодарам на претседателот Флорентино Перез и на одборот. Ја прифатив оваа понуда со големо возбудување, желба да учам и подготвеност да придонесам со сѐ што можам – рече Надал преку социјалните мрежи, пренесе АП.
Од Реал Мадрид, рекордерот со 15 титули европски шампион, изјавија дека неговиот одбор „се согласил да му ја достави на генералното собрание на делегатските членови ратификацијата за назначувањето на Рафаел Надал Парера, член број 67.778 во нашиот клуб, за нов член на одборот на директори. За Реал Мадрид и за сите мадридисти, огромна чест е што личност од неговиот спортски и човечки углед, референца во шпанскиот и во глобалниот спорт, се приклучува на нашиот одбор на директори и придонесува, од оваа улога, за сегашноста и за иднината на нашиот клуб“, објави клубот за Надал, кој освои 22 гранслем-титули и рекордни 14 трофеи на Отвореното првенство на Франција, пишува АП. Н.М.