ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
- По четири кола, само пет тима не се израмнети со бодовите со некој друг клуб. По осмото коло, покрај головите, победите, гол-разликата, меѓу критериумите за одредување на пласманот се и успесите на противниците во лигашката фаза
По првата половина од сезоната на лигашката фаза во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), само пет тима не се израмнети со бодовите со некој друг клуб. Меѓу другите израмнети екипи, на врвот на табелата со по 12 бода се Пари сен Жермен и Реал Мадрид, а од четвртото до 12. место девет клуба освоија по девет бода.
Во лигашката фаза на најсилното европско клупско натпреварување 36 клуба учествуваат во едно лигашко натпреварување во кое сите се рангирани заедно. По осум кола, клубовите од првото до осмото место ќе се пласираат во осминафиналето, тимовите од деветтото до 24. место ќе играат во плејофот за пласман во осминафиналето, а екипите од 25 до 36. место ќе ја завршат европската сезона.
Помеѓу првото коло и седмото коло тимовите што имаат ист број бодови ќе бидат одвоени со користење пет критериуми, и тоа подобра гол-разлика, поголем број постигнати голови, поголем број постигнати голови на гости, повеќе победи и повеќе победи на гости, а ако тимовите се еднакви во сите аспекти со примена на овие критериуми, тие ќе добијат еднаков пласман на табелата, подредени по азбучен ред врз основа на нивното скратено име, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Ако два или повеќе тима бидат израмнети според бројот на освоени бодови по завршувањето на натпреварите од лигашката фаза, тогаш ќе се применуваат вкупно 10 критериуми за да се одреди нивниот пласман, и тоа по овој редослед: подобра гол-разлика, поголем број постигнати голови, поголем број постигнати голови на гости, поголем број победи, поголем број победи на гости, повеќе освоени бодови вкупно од противниците во лигашката фаза, подобра вкупна гол-разлика на противниците во лигашката фаза, поголем број постигнати голови вкупно од противниците во лигашката фаза, понизок вкупен број дисциплински поени врз основа на жолти и на црвени картони добиени од играчите и од службените лица на тимот во сите натпревари во лигата (три поени за црвен картон, еден поен за жолт картон, три поени за исклучување со два жолти картони во еден натпревар) и повисок коефициент на клубот, пишува УЕФА.
Табела по четири кола: Пари сен Жермен и Реал Мадрид по 12 бода, Арсенал 10, Комо, Барселона, Астон вила, Манчестер сити, Ливерпул, Клуб Бриж, Спортинг, Бетис и Борусија Дортмунд по 9, Баерн 8, Штутгарт 7, Интер, ЛАСК, Манчестер јунајтед и Галатасарај по 6, Фенербахче 5, Рома, Шахтер, Викинг, Атлетико Мадрид, ПСВ Ајндховен и Бодо/Глимт по 4, Порто, Наполи, Вилјареал, АЕК, Лајпциг, Сабах, Феенорд и Ленс по 3, Славија и Лил по 1, Слован е без бодови. Н.М.
































