ФУДБАЛ

  • Не беше лесна одлука, бидејќи некои одлуки не се носат само со ум туку и со срце, рече Роналдо во видео на Инстаграм, пренесе „Би-би-си“

Легендата на Португалија, Кристијано Роналдо, изјави дека се повлекува од меѓународниот фудбал, пишува „Би-би-си“. Тој постигна 146 гола и одигра 234 натпревари за репрезентацијата на Португалија, и двата светски рекорди, откако дебитира во 2003 година.
– До португалскиот народ, дојде денот да го вратам дресот со број седум на нашата репрезентација. Никогаш не чувствував дека ми припаѓа само мене, но 23 години имав привилегија и одговорност да го носам, да го бранам и да го носам со себе на стадионите низ целиот свет. Денес дојде време да ѝ го предадам на иднината. Не беше лесна одлука, бидејќи некои одлуки не се носат само со ум туку и со срце. Патувањето што почна во август 2003 година и засекогаш ми го промени животот заврши – рече Роналдо во видео на Инстаграм, пренесе „Би-би-си“.
Денеска треба да биде објавен составот на Португалија за натпреварите во Лигата на нациите овој месец, со Данска дома и со Велс на гости. Фудбалската федерација на Португалија соопшти дека „не дозволува ова збогување да се случи без должна почит“. Во соопштението пишува: „Наша цврста и огромна желба е да организираме, да планираме, да учествуваме и активно да соработуваме во она што секогаш ќе биде соодветна почит кон огромната кариера на Кристијано Роналдо, во која навивачите и земјата можат повторно да аплаудираат и да го слават играчот што ни даде толку многу“, пренесе „Би-би-си“.
Роналдо играше на шест европски првенства, Португалија беше второпласирана во 2004 година и го освои трофејот во 2016 година, а годинава учествуваше на своето шесто светско првенство, кога Португалија загуби од подоцнежниот шампион Шпанија во осминафиналето, пишува „Би-би-си“. Н.М.