Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјава за 2026 година повторно ја потврди јасната надворешнополитичка ориентација на државата, нејзината кредибилност како партнер на Европската Унија и доследната определба за полноправно членство во Унијата, истакна денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Во објава на Фејсбук, Муцунски посочи дека Извештајот констатира добро ниво на подготвеност и сериозен напредок во Поглавјето 31, како и задржана целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
-Европската комисија оценува дека ваквата усогласеност испраќа силен сигнал за нашиот стратешки избор за членство во Унијата и ја потврдува државата како доверлив партнер. Воедно, нотира дека препораките од минатата година се во голема мера спроведени и дека продолжува активниот политички дијалог со ЕУ за надворешни и безбедносни прашања – нагласи шефот на дипломатијата.
Муцунски додаде дека високо ниво на подготвеност е констатирано и во Поглавјето 30 – „Надворешни односи“, со тесно усогласување со трговската политика на ЕУ и активен придонес во регионалната економска соработка.
Според него, позитивно се оценети и зголемената одбранбена подготвеност, поддршката за Украина, како и активниот ангажман на државата во Обединетите нации, Советот на Европа и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).


































