Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против М.Н., управител на друштво за технички преглед на моторни возила, поради сомнение за продолжено кривично дело „Проневера во службата“ од член 354 од Кривичниот законик, пренесе МИА.
Според информациите од Финансиската полиција, пријавениот во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2025 година, злоупотребувајќи ги овластувањата на друштвото, противправно присвојувал парични средства наплатени од граѓани и правни лица при регистрација на моторни возила. Средствата биле наменети за уплата на јавни давачки кон повеќе институции.
Со ваквото постапување, како што информираат од Управата, на правниот субјект му била прибавена противправна имотна корист во вкупен износ од 41.518.042 денари, на штета на општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст на Република Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Од Финансиската полиција дополнително посочуваат дека, со цел прикривање на трагите од кривичното дело, во текот на 2022 и 2024 година пријавениот извршил противправен отпис на јавни давачки во вкупен износ од 17.090.623 денари.
На тој начин, во сметководствената евиденција бил намален долгот кон наведените субјекти, а бил прикажан и помал износ на обврски по основ на јавни давачки.



































