- Првиот разговор можеби нема да ја запре војната. Но доволно е да отвори врата низ која конечно ќе поминат разумот, политичката храброст и свеста дека навистина постојат надеж и стремеж кон сеопштиот просперитет и благосостојба на човештвото
Во војна во која секој потег се толкува како маневар, секој компромис како слабост, а секој повик за мир како обид да се купи време за нова офанзива, самото седнување на преговарачка маса станува чин на политичка храброст. Москва и Киев во Абу Даби можеби нема веднаш да го пронајдат патот до мировен договор, но светот има право да се надева дека конечно ќе го пронајдат патот еден до друг. Затоа што, по толку години крв, разурнувања и човечки трагедии, продолжувањето на војната веќе не може да се претставува како единствена алтернатива. Се разбира, никој не очекува дека предвидените дводневни разговори ќе ги избришат длабоките несогласувања, територијалните спорови и стравувањата за идната безбедност на Украина.
Недовербата е огромна, политичките позиции се закоравени, а секоја страна сè уште верува дека може да извлече повеќе преку воен и дипломатски притисок. Но токму во тоа лежи опасноста, односно во уверувањето дека „уште една офанзива, уште една мобилизација, уште една зима на фронтот или уште една испорака на оружје ќе донесе конечна победа“…
Ниту Москва може да ја добие иднината со бескрајно војување, ниту Киев може да ја обнови својата држава без мир, безбедност и меѓународни гаранции. Затоа, преговарачите мора да разберат дека политичките цели не можат бесконечно да се остваруваат со цената на човечките животи.
Најголемата одговорност сега е кај лидерите на сите инволвирани страни. А тоа не се само две завојувани. Од сите нив не се бара да ги заборават своите позиции, туку да ја надминат политиката на непопустливост. Од нив не се бара да се откажат од сопствените народи, туку да разберат дека токму достоинството подразбира и способност да се запрат страдањето што го носи војната и сите политики што ја хранат војната.
Мирот не е капитулација, како што ниту компромисот автоматски значи пораз. Понекогаш најголемата државничка победа е да се препознае моментот кога продолжувањето на војната станува поголем пораз од секој можен договор. И Вашингтон, Брисел и европските престолнини имаат историска одговорност. Посредувањето не смее да се претвори во натпревар за дипломатски престиж, ниту мировниот процес во средство за политичко надмудрување. Секое решение мора да создаде услови за траен мир, а не само за привремено замрзнување на фронтот и одложување на следната војна. Светот не смее да дозволи мирот да биде само пауза меѓу две воени пресметки.
Затоа, Абу Даби треба да биде повеќе од уште една дипломатска станица. Треба да биде почеток на процес во кој ќе се бараат реални решенија, ќе се отвораат каналите на доверба и ќе се создаваат услови за запирање на оружјето. Првиот разговор не мора да ја заврши војната. Доволно е да создаде директна линија меѓу оние што мора да сфатат дека „се нема бесконечен капацитет за жртвување“.
А можеби најголемата политичка „замка“ во која заедно би можеле да влезат сите заедно, и Вашингтон и Брисел и Москва и Киев, е токму – мирот. Замка во која нема да има победници и поразени, туку народи што конечно ќе добијат шанса да живеат, да градат и да планираат иднина без страв од следната ракета. Тоа е единствената замка во која светот со право посакува да се најдат сите посредно и непосредно засегнати страни.
Светската јавност не го бара невозможното. Не бара некој да ги избрише разликите со еден потпис. Бара да престанат да се полнат гробовите, градовите да се уриваат, а надежта да се мери со бројот на преживеаните. По толку години војна, мирот не е само желба, тој е морална обврска на сите што имаат моќ да го овозможат.
Ако Абу Даби успее да направи само еден чекор кон мирот, тој чекор ќе вреди повеќе од илјада нови воени победи. Зашто историјата можеби ќе памети кој освоил територија, но човештвото ќе памети кој имал храброст да ја запре војната.
































