Фото: МИА

Потребно е да се прекине поврзувањето на историските и идентитетските барања со процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија, за да се спречи нивно повторно воведување како услови за членство. Ова го истакна професорот Огнен Вангелов од Универзитетот Американ Колеџ – Скопје, на научниот собир „Негирањето на македонскиот јазик и македонската нација како форма на политички говор на омраза“, пренесе МИА.

Вангелов, поранешен член на заедничката историска комисија со Бугарија, зборуваше за институционалните механизми преку кои, според неговата анализа, бугарските барања за македонската историја и идентитет се претвораат во обврски чие исполнување се оценува во рамките на пристапните преговори со ЕУ.

Тој оцени дека е потребно да се отстрани договорната основа за ваквото условување и да се зголеми политичката цена на евентуалните нови блокади. Како една од можностите ги посочи условените уставни измени со правна можност за повлекување на нивните ефекти.

Според Вангелов, Договорот за пријателство од 2017 година предвидува формирање историска комисија за експертска работа и меѓувладина комисија за следење на неговото спроведување, но не пропишува македонските експерти да ги прифатат бугарските историски заклучоци.

Тој посочи дека бугарската Рамковна позиција од 2019 година содржи барања поврзани со историски личности, образовни содржини и јавно претставување на минатото, кои подоцна, според неговата анализа, биле пренесени во Вториот протокол потпишан во 2022 година. Протоколот, како што наведе, предвидува дополнителни активности и постапки поврзани со историските препораки, архивите, наводниот говор на омраза и културното финансирање.

Вангелов оцени дека преку ваквото институционално наслојување се воведуваат нови правила и процедури во постојната рамка, додека конверзијата подразбира пренасочување на механизмите кон поинаква цел. Според него, историската комисија, создадена за научна расправа, може да се користи за издејствување заклучоци што ги очекува бугарската влада.

Професорот посочи дека промената од 2022 година има значење за пристапниот процес, бидејќи Преговарачката рамка го вклучува спроведувањето на Договорот во оценувањето на напредокот, со годишни прегледи и мерки според член 12. Тоа, според него, ѝ овозможува на Софија незадоволството од резултатите на историската комисија да го претставува пред европските институции како неисполнување на билатералните обврски.

Во однос на малцинските права и бројноста на бугарската заедница, Вангелов ги спореди податоците од пописот во Македонија во 2021 година, кога 3.504 резиденти се изјасниле како Бугари, со изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев од 2024 година за најмалку 120.000 македонски граѓани со бугарско државјанство врз основа на потекло.

Според Вангелов, документите за државјанство не ја утврдуваат етничката припадност што лицата ја изразуваат во Македонија. Тој се повика и на етнографски истражувања на Неофотистос и Христова, според кои дел од Македонците стекнуваат бугарски документи поради мобилност и економски можности, а го задржуваат македонското самоопределување.

Професорот предупреди дека, според неговата анализа, уставното наведување на Бугарите меѓу заедниците не би го отстранило механизмот за поставување нови услови. Тој посочи дека историските спорови би можеле да се пренесат и во образованието, музеите и комеморациите, наведувајќи ги Гоце Делчев и Григор Прличев како примери за личности чие национално и историско претставување е предмет на несогласувања меѓу двете држави.

Вангелов оцени дека бугарските барања за историски резултати се во спротивност со експертската природа на заедничката историска комисија, чија задача е да ги толкува историските настани врз основа на автентични извори и докази. Тој посочи дека научната расправа може да заврши и со аргументирано несогласување, но дека несогласувањето, според него, се третира како недоволен напредок во пристапниот процес.

Осврнувајќи се на Објаснувачкиот меморандум што Бугарија го достави до европските партнери во 2020 година, Вангелов оцени дека неговото претставување на македонската нација и јазик како производ на југословенскиот комунизам и фалсификување на бугарското минато претставува политички говор на омраза. Според него, ваквите тврдења ја делегитимираат националната припадност на македонската заедница и го оправдуваат притисокот за преобликување на нејзиниот идентитет.

Тој се осврна и на тврдењата во меморандумот за над 20.000 погубувања во Македонија во периодот 1944–1946 година и над 100.000 бугарски жртви во пошироки категории. Вангелов оцени дека документот не содржи архивски извори и пресметки што ги поткрепуваат овие бројки. Посочи дека тие се оспорувани од бугарските историчари Стефан Дечев и Чавдар Маринов, како и од колективна декларација на бугарски историчари и други научници.

Според професорот, достапните архивски документи не ги потврдуваат бугарските тврдења, но несогласувањето со нив може повторно да се претстави како доказ за прикривање документи и да стане основа за нови барања во процесот на пристапување.