Европската комисија воведува три значајни новини во овогодишниот Пакет за проширување – индикативни патокази за земјите кандидати што најбрзо напредуваат кон членство, нов модел на постепена интеграција и посилен фокус на безбедносната димензија на проширувањето. Ова го изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос на прес-конференција во Брисел, при презентацијата на Пакетот за проширување за 2026 година.
Првата новина се однесува на индикативните патокази за Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, кои во изминатата година постигнале најголем напредок на патот кон членство во Европската Унија. Според Кос, документите треба да обезбедат поголема предвидливост и да ги насочат пристапните преговори. Патоказот за Црна Гора ги опфаќа клучните чекори до членството, додека документите за Албанија, Молдавија и Украина ги утврдуваат очекувањата и приоритетите за следната година.
Кос оцени дека напредокот на четирите земји покажува оти придвижувањето кон членство во ЕУ зависи од политичката волја и политичките одлуки. Таа ги охрабри сите земји кандидати да се приклучат на групата држави што побрзо напредуваат кон Унијата.
Втората новина е предлогот за модел на постепена интеграција, со кој земјите кандидати би добиле повеќе придобивки од учеството во европските политики и структури пред формалното пристапување. Според Кос, ова ќе донесе корист и за кандидатите и за земјите членки, а ќе придонесе и за реализација на заедничките стратешки приоритети на ЕУ.
Еврокомесарката најави дека во првиот квартал од 2027 година ќе започне дијалог за постепена интеграција со земјите опфатени со процесот на проширување. Целта е да се направи преглед на постојните мерки и да се разгледаат дополнителни можности за интеграција. Конкретните насоки за четирите земји предводници се содржани во нивните патокази.
Третата новина се однесува на засилениот фокус врз безбедносната димензија на проширувањето и поврзаноста на безбедносните случувања во Европа. Кос посочи дека случувањата во земјите кандидати имаат директни последици врз безбедноста на Унијата, особено во услови на зголемени дезинформации, сајбер-напади и организиран криминал.
Интеграцијата на земјите кандидати во безбедносните структури на ЕУ, според Кос, ќе овозможи подобра размена на информации и покоординирано дејствување, поголема контрола врз миграцијата и организираниот криминал, како и зајакнување на способноста на Европа да се справи со надворешните притисоци.
Кос нагласи дека владеењето на правото, независноста на судството, слободата на медиумите и заштитата на основните права мора да останат во фокусот на реформите, бидејќи тие се клучни не само за членството во ЕУ, туку и за секојдневниот живот на граѓаните.

































