- Додека Брисел бара нови модели за привилегирано приближување на Канада и покажува подготвеност за посебни услови за враќање на
Велика Британија, Западен Балкан и натаму останува заробен во лавиринтот на условувања и политички блокади. Ова веќе не е само прашање на европското проширување туку на идентитетот, кредибилитетот и идната политичка природа на самата Европска Унија
Она што денес се случува во Брисел не е само уште една дипломатска иницијатива, ниту, пак, изолиран обид за редефинирање на односите со два важни трансатлантски партнера. Зад идејата за нов привилегиран институционален статус на Канада и зад подготвеноста да се разгледуваат посебни услови за евентуално враќање на Велика Британија во ЕУ се наѕира многу поголем политички процес. Тоа е обид за создавање нова европска геополитичка архитектура, во која досегашните граници на интеграцијата веќе не се единствената определба за тоа кој може да биде дел од европскиот политички простор. Брисел очигледно сфаќа дека светот се менува, дека Европа се соочува со нови безбедносни, економски и стратешки предизвици и дека нејзината иднина не може да се гради само врз досегашните институционални модели. Канада е привлечна поради своите природни ресурси, критичните минерали, индустрискиот и технолошкиот потенцијал, но и поради својата безбедносна и трансатлантска позиција. Велика Британија, пак, империјална сила, и некогаш и денес и со исти такви амбиции, е премногу силна и економски, и воено, финансиски и политички за ЕУ да може долгорочно да ја третира како обичен надворешен партнер. Нема ништо нелегитимно во настојувањето на Унијата да ги врати овие држави во својата поширока стратегиска орбита. Напротив, тоа може да биде и разумен одговор на новата глобална реалност. Но токму тука започнува суштинскиот европски проблем.
Кога станува збор за Канада, европските институции се подготвени да размислуваат за институционални формули што досега не постоеле во класичниот модел на европска интеграција. Кога станува збор за Велика Британија, се отвора простор за флексибилност, за посебни договорни решенија, па дури и за можноста повторното членство да не ги подразбира автоматски сите обврски што важат за другите членки. Значи, кога постои доволно голем геополитички интерес, Брисел може да биде инвентивен, прагматичен и подготвен да ги преиспитува сопствените институционални правила. Но кога пред европската врата стојат земјите од Западен Балкан, истата таа политичка креативност речиси исчезнува. Тогаш повторно се активираат строгите процедури, новите методологии, дополнителните услови, политичките очекувања и долгите рокови без јасна гаранција дека исполнувањето на обврските навистина ќе доведе до напредок. Токму во таа разлика се наоѓа најсериозната противречност на денешната европска политика.
Не станува збор за тоа дека Канада не заслужува посебно партнерство или дека Велика Британија не треба да добие можност повторно да се приближи до Унијата. Лондон и така го прави тоа многу умешно и од позиции на империјална сила. Но сега овде станува збор за нешто многу посуштинско. Имено, дилемата е зошто политичката волја за пронаоѓање нови модели на интеграција кај Брисел се појавува толку брзо кога станува збор за големите и стратегиски важни држави, а толку тешко кога треба да се исполни децениското европско ветување кон Западен Балкан? Европската Унија има право да ги штити своите интереси, но нема право да ги претвора сопствените вредности во променлива категорија. Копенхашките критериуми не се политички украс, ниту декларативна рамка што се активира само кога тоа им одговара на актуелните европски елити. Тие се темелот врз кој Унијата ја изгради својата политичка легитимност и врз кој им вети европска перспектива на државите што сакаат да ѝ се приклучат. Ако тие критериуми се задолжителни за едни, а институционалната флексибилност е достапна за други, тогаш неизбежно се поставува прашањето дали Европа сè уште функционира како унија на еднакви принципи или постепено се трансформира во геополитички клуб на привилегирани партнери.
За Македонија ова прашање има особено тешка политичка и историска димензија. Нашата европска перспектива со децении е проследена со блокади, отстапки и условувања што одамна ја надминаа рамката на вообичаеното исполнување на реформските критериуми. По долгогодишниот спор со Грција и Преспанскиот договор, следуваа нови политички барања поврзани со Бугарија, со што европскиот пат повторно беше доведен во зависност од билатерални прашања и дополнителни политички компромиси. Ниту една сериозна редакција, ниту една одговорна политичка сила во земјата не треба да ја релативизира обврската на Македонија да ги спроведе суштинските реформи. Владеењето на правото, независното судство, борбата против корупцијата, функционалните институции и демократската одговорност не се отстапки што треба да ни ги бара Европа, туку обврски што ги должиме пред сè на сопствените граѓани. Но реформите не смеат да бидат бесконечна политичка предворница зад која конечната цел постојано се оддалечува, ниту билатералните спорови смеат да станат траен инструмент за условување на една суверена држава. Македонија не бара европски привилегии. Таа бара европска предвидливост.
Не бара заобиколување на правилата, туку гаранција дека правилата нема да бидат заобиколени токму тогаш кога се применуваат врз неа. Не бара поинакви критериуми, туку еднакви мерила. Тоа е суштината на спорот со денешната европска политика и тоа е прашањето на кое Брисел повеќе не може да одговара само со декларации за заедничките вредности.
Особено загрижува фактот што новата геополитичка логика може да создаде Европа со повеќе кругови на поврзаност, привилегирани партнерства и различни степени на институционално учество, но без јасна и еднакво достапна перспектива за оние што со години се подготвуваат за членство. Ако се гради нова европска архитектура, тогаш токму сега е моментот во неа да се обезбеди вистинско место и за Западен Балкан. Регион што географски, историски, економски и безбедносно е дел од европскиот простор не може да остане само негова периферија, додека геополитичката мапа се редизајнира за други. Во спротивно, Унијата ризикува да испрати порака дека членството не е само резултат на исполнети критериуми туку и прашање на политичка и економска моќ. А тоа е опасен сигнал, не само за Македонија и регионот туку и за самата Европа. Зашто кога геополитичката исплатливост ќе стане поважна од принципите, тогаш се менува и природата на политичката заедница што тие принципи треба да ја одржуваат. Брисел можеби има оправдана амбиција да ги прошири границите на своето влијание, да ја привлече Канада, да ја врати Британија и да создаде нов трансатлантски простор. Но не може истовремено да бара од Западен Балкан безусловна доверба во европската идеја, а да не покаже дека таа идеја сè уште има еднаква политичка вредност за сите.
Европа денес не е исправена само пред прашањето кого сака да привлече во својата нова геополитичка орбита. Таа е исправена пред многу поважно прашање. Тоа е предизвикот дали во трката за ново влијание ќе ги зачува принципите врз кои беше создадена или ќе дозволи сопствените интереси да станат единственото мерило за нивната примена. Затоа, случаите со Канада и Велика Британија се и финалниот тест за кредибилитетот на Европската Унија. А Македонија, по сè што помина на својот европски пат, има целосно право да бара јасен одговор. Зашто Европа може да ги менува своите граници, може да создава нови институционални модели и може да ги приспособува своите стратешки партнерства. Но ако притоа ги менува и принципите според кои одлучува кој заслужува да ѝ припаѓа, тогаш нема да ја проширува европската идеја. Ќе ја стеснува сопствената политичка веродостојност. А Европа што ги губи принципите за да добие геополитичка тежина можеби ќе стане „поголем играч“ во светот, но ризикува да престане да биде онаа Европа поради која другите сакаа да ѝ се приклучат.
































