На четворицата осомничени за разбојништвата со смртни последици во скопските населби Хром и Ѓорче Петров им е продолжен притворот за уште 30 дена, по предлог на Обвинителството, информираат од Кривичниот суд.
Продолжувањето на мерката притвор било побарано со цел да се спречи евентуално уништување докази, попречување на истрагата или бегство на осомничените.
Претходно, на осомничените двапати им беше продолжуван краткотрајниот притвор за по 48 часа, поради сомнение дека се поврзани со убиствата на две повозрасни лица во нивните домови.
Обвинителството продолжува со истрагата за двата случаи и со прибирање докази. Во тек се и ДНК-вештачења, чии резултати треба да бидат вклучени во доказниот материјал.
Во врска со случаите беа приведени А.С. (22), Х.Е. (20) и К.А. (58), сите од Скопје, како и М.Р. (26) од Струмица. Полицијата ги поврза со двата настана.
Првиот случај беше откриен на 22 октомври во скопската населба Хром, каде што во својот дом беше пронајден починат 62-годишниот С.Ј., со траги на насилство.
Неколку дена подоцна, на 27 октомври, во куќа на улицата „Ѓурчин Кокале“ во Ѓорче Петров беше пронајдена почината и 76-годишната О.А., исто така со траги на насилство.


































