Фото: Грчка полиција

Шест лица се уапсени во Грција под сомнение дека биле членови на криминална организација која преку невладина организација (НВО) собирала донации за деца со тешки заболувања, но најголемиот дел од средствата ги присвојувала. Незаконски стекнатата финансиска корист се проценува на над 2,8 милиони евра, а дел од парите биле користени и за местење фудбалски натпревари и финансирање фудбалски клубови, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчката полиција, акцијата за разбивање на организацијата била спроведена во петокот на повеќе локации низ земјата, по пријава поврзана со транспарентноста на работењето на невладината организација, активна од 2018 година. По налог на обвинителството била спроведена детална полициска и финансиска истрага.

Во рамки на истрагата биле пронајдени и сослушани родителите на 34 деца кои биле корисници на хуманитарните акции. Анализата на нивните искази и финансиските податоци покажала дека, од вкупно 3.940.692 евра собрани донации, на семејствата им биле исплатени околу 1.111.176 евра. Разликата, односно околу 2.829.516 евра, според полицијата, претставува незаконски стекната имотна корист.

Организацијата, според истрагата, била составена од две подгрупи. Првата била поврзана со невладината организација, преку која се собирале донации за деца со тешки заболувања, главно различни форми на рак. На социјалните мрежи биле објавувани информации за здравствената состојба и потребите на децата, вклучително и за медицински интервенции, болничко лекување, превоз и сместување на семејствата, како и нивни фотографии.

Меѓу донаторите имало познати уметници, спортисти и бизнисмени. Нивните донации биле јавно истакнувани од членовите на организацијата, со цел да се зајакне довербата во здружението и да се привлечат нови донации.

Полициските проверки утврдиле вкупно 92 хуманитарни акции за 74 корисници, од кои 55 биле идентификувани. За да ги зголемат приливите, осомничените наводно објавувале различни фотографии и податоци за истите деца при повторени акции, прикривајќи дека претходно веќе биле собирани средства за нив. Исто така, прикажувале трошоци за лекување кои биле покриени од осигурителните фондови, како и износи значително повисоки од реалните.

Од грчката полиција посочуваат и случај во кој членовите на организацијата наводно предизвикале блокирање на банкарската сметка на мајка на дете болно од рак, која самостојно собирала донации. Откако уплатиле пари на нејзината сметка, поднеле пријава до банката за наводна измама, а потоа ѝ понудиле помош со цел повторно да ја насочат хуманитарната акција преку здружението.

Финансиската истрага покажала дека од 2018 до 2026 година на сметките на здружението и на личните сметки на еден од уапсените биле уплатени над 5,8 милиони евра. Сè уште не е утврден вкупниот износ на средствата собрани во готовина преку хуманитарни настани и кутии за донации поставени на различни локации низ земјата.

Втората подгрупа, формирана во септември годинава, наводно се занимавала со местење резултати од фудбалски натпревари. Целта била да му се помогне на аматерски фудбалски клуб да се пласира во третата лига, но и да се оствари незаконска добивка преку обложување на наместени натпревари. Нејзините активности, според полицијата, биле финансирани со средствата незаконски стекнати преку првата подгрупа.