АЛТА банка АД Битола информира дека продолжува со редовно и непречено работење и дека случувањата поврзани со АЛТА банка во Србија не влијаат автоматски врз нејзината финансиска состојба или правен статус.
Од Банката посочуваат дека таа е самостојно правно лице, регистрирано во Република Македонија, кое работи согласно домашната законска регулатива и е под непосредна супервизија на Народната банка.
Сите експозитури и банкомати функционираат во вообичаениот режим, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства. Тие можат слободно да располагаат со депозитите, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции согласно редовните услови на работење.
Од Банката нагласуваат дека околностите во Северна Македонија суштински се разликуваат од оние во Србија. Воедно, наведуваат дека АЛТА банка АД Битола не е предмет на политички притисоци и пресметки какви што ги одбележале случувањата во Србија, туку работи врз основа на професионални, деловни и регулаторни принципи.
Банката располага со сопствен капитал, средства и обврски, а нејзиното работење е под континуирана супервизија на Народната банка. Депозитите на физичките лица, дополнително, се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно законските услови и лимити.
– Ги уверуваме нашите клиенти дека Банката продолжува со редовно работење и исполнување на своите обврски. Нивните средства им се достапни и нема ограничувања во користењето на банкарските услуги надвор од вообичаените услови на работење – наведуваат од АЛТА банка АД Битола.
Од Банката порачуваат дека остануваат посветени на заштитата на интересите на клиентите, финансиската стабилност и одржувањето на довербата.
































