Исклучително богатите плутократи од сферата на вештачката интелигенција влеваат милијарди долари во изборите во САД. Илон Маск вложил околу 446 милиони долари во кампањите на републиканците пред среднорочните избори, откако потрошил речиси иста сума за изборната кампања на актуелниот американски претседател Доналд Трамп во последниот изборен циклус. Политички акциониот комитет „Водејќи ја иднината“, поддржан од коосновачите на „ОпенАИ“ и „Палантир“ и истакнати технолошки капиталисти, вклучувајќи го и Марк Андресен, собра 140 милиони долари за да им додели на кандидатите што се залагаат за вештачка интелигенција.
Но сите тие пари не се чини дека им помагаат на интересите на индустријата за вештачка интелигенција. Нова анализа од „Гуардрајлс екшн“, група за застапување на одговорноста за вештачката интелигенција, откри дека гласачите во клучните сојузни држави сè уште имаат претежно негативни чувства кон индустријата за вештачка интелигенција.
Анкетата, објавена од „Инк“, испита над три илјади веројатни гласачи во сојузните држави Ајова, Мичиген и Охајо, каде што се одвиваат тесни сенатски трки, за нивните ставови за вештачката интелигенција. Резултатите покажаа дека вештачката интелигенција е политичка мина, при што дури и самата помисла на пари вложени од големите технолошки компании е потенцијално негативна за имиџот на кандидатот. Три четвртини од потенцијалните гласачи рекле дека би биле помалку склони да гласаат за кандидат доколку дознаат дека прифатил донација од технолошкото лоби. Една четвртина од испитаниците, пак, рекле дека би ја смениле партиската припадност за да гласаат за кандидат што зазел цврст став против компаниите за вештачка интелигенција.
– Откривме дека акционите комитети (т.н. супер-ПАК групи – н.з.) за вештачка интелигенција влијаеле понегативно врз гласачите отколку Волстрит, криптовалутите или АИПАК. Влијанието на парите од вештачката интелигенција врз изборите и политиката е поврзано со вознемиреноста што луѓето ја чувствуваат за прашањето на вештачката интелигенција и зголемениот отпор што го имаат кон корупцијата и парите за посебни интереси и политиката – изјави Чарлс Блетлер, политички директор на „Гардијанс алајанс“, политички акционен комитет што се бори против вложувањето во вештачка интелигенција.
Иронично, се чини дека причината за ваквата убеденост на гласачите се теориите што доаѓаат од самата индустрија. Многу истакнати личности во индустријата шират мрачни сценарија, според кои, нивната технологија ќе ја уништи цивилизацијата, ќе ги избрише работните места, па дури можеби и ќе стане свесна – додека компании, меѓу кои „Антропик“ и „Опен АИ“, предупредуваат дека нивните системи за вештачка интелигенција би можеле да излезат од контрола и да започнат хакерски походи.
































