Светската банка ја ревидираше нагоре прогнозата за економскиот раст на Македонија за 2026 година на 3,2 проценти, додека според податоците на Европската комисија, земјава во вториот квартал остварила раст од 4,3 проценти, највисок меѓу шесте економии од Западен Балкан. Ова го истакна владината портпаролка Марија Митева, повикувајќи се на најновите извештаи на двете институции, пренесе МИА.
На денешната прес-конференција, Митева посочи дека Светската банка во редовниот економски извештај за Западен Балкан, објавен на 27 октомври, ја зголемила прогнозата за растот на македонската економија за 0,3 процентни поени во однос на претходните проекции.
Според неа, овие оценки се значајни имајќи ги предвид глобалните економски предизвици, геополитичката неизвесност, енергетските притисоци и забавената економска активност.
Митева се повика и на извештајот на Европската комисија, објавен на 20 октомври, според кој економскиот раст на Македонија се забрзал од 3,1 процент во првиот квартал на 4,3 проценти во вториот квартал од годинава.
Во однос на структурата на растот, таа ги посочи податоците на Државниот завод за статистика, според кои градежништвото во вториот квартал бележи реален раст од 21,9 проценти, преработувачката индустрија од 4,1 процент, а секторот информации и комуникации од 4,3 проценти.
Дополнително, бруто-инвестициите бележат номинален раст, додека финалната потрошувачка е зголемена номинално за седум проценти.
Според Митева, растот на градежништвото има влијание и врз други стопански дејности, вклучително и домашните компании, транспортот, производството и инфраструктурниот развој. Таа посочи дека овие показатели се надоврзуваат на владините политики насочени кон капитални инвестиции и инфраструктурни проекти.
Владината портпаролка нагласи дека позитивните економски показатели не значат автоматско надминување на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, особено во однос на приходите, можностите за вработување и цените на производите и услугите.
-Не очекуваме граѓаните да го мерат својот животен стандард само според статистички податоци. Тие го оценуваат напредокот преку сопствените приходи, можностите за работа, цените на производите и услугите, и тоа е сосема разбирливо – изјави Митева.
Таа додаде дека Владата останува посветена на одржување на позитивниот развоен тренд, стабилноста на јавните финансии и спроведувањето реформи што треба да придонесат економскиот раст да се одрази врз животниот стандард на граѓаните.
Одговарајќи на новинарско прашање за подготовката на новиот закон за туристички развојни зони и можноста во него да биде опфатено езерото Треска, Митева информираше дека законското решение сè уште е во фаза на изработка.
Таа изрази очекување езерото Треска да биде опфатено со законот, но најави дека дополнително ќе ги провери информациите со Министерството за култура и туризам.
































