Фото: МИА

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против Атанас Костов, сопственик и управител на фирма од Валандово, против самото правно лице и против управител на друга фирма од Дојран, поради сомнение за намерно предизвикување стечај со цел избегнување на обврските кон доверителите.

Случајот е поврзан со деловниот спор меѓу фирми поврзани со Костов и австриската компанија „АММА“, која, според претходни медиумски објави, се обидува да наплати побарување од речиси пет милиони евра врз основа на арбитражна пресуда во Виена. Костов е зет на поранешниот премиер Зоран Заев.

Според соопштението на Финансиската полиција, постојат основи на сомнение дека во периодот од 2020 до 2023 година Костов, во својство на сопственик, управител и овластен потписник на сметките на друштвото, преземал противправни дејствија со намера да избегне плаќање обврски кон повеќе правни субјекти и да ја оневозможи наплатата на долговите.

Најголемиот дел од обврските, според пријавата, се однесувале на странски правен субјект и изнесувале 289.617.022 денари. Дополнително, долгот кон Управата за јавни приходи изнесувал 883.283 денари.

Од Финансиската полиција наведуваат дека биле преземени дејствија со кои, според сомненијата, требало да се создаде привидна финансиска немоќ на друштвото и да се спречи доверителите да ги наплатат своите побарувања.

Според наводите во пријавата, Костов склучил договор за закуп со друго правно лице со кое исто така управувал, со цел да создаде привидна правна основа за оптоварување на имотот на друштвото.

Финансиската полиција тврди дека договорот не бил реално реализиран ниту сметководствено евидентиран, но по неговото еднострано раскинување во 2023 година биле евидентирани пенали во износ од 233.700.000 денари. Врз основа на нив бил запишан товар врз имотот на друштвото.

По приговор на доверителите, Основниот граѓански суд Скопје донел времена мерка со која било запрено извршувањето.

Откако, според наводите на Финансиската полиција, не успеал обидот за отуѓување на недвижниот имот, Костов, со помош на третиот пријавен Ј.Т., наводно презел дополнителни дејствија насочени кон предизвикување стечај на друштвото.

Во рамките на тие дејствија, како што се наведува во соопштението, биле префрлени четири милиони денари по основ на позајмица. Средствата претходно биле примени од правен субјект основан од сопругата на првопријавениот. Потоа бил поднесен предлог за отворање стечајна постапка против друштвото.