Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, порача дека енергетиката денес не е само прашање на производство и потрошувачка, туку и на економска конкурентност, технолошки развој, заштита на животната средина и квалитет на животот.
Ова го истакна на свеченото отворање на 14. издание на Студентската конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕЕОР), организирана од Здружението за истражување и промовирање на енергетска ефикасност и одржлив развој.
Осврнувајќи се на улогата на младите во енергетската транзиција, Божиновска нагласи дека студентите не се само идни инженери, истражувачи и носители на одлуки, туку и генерација што уште денес може да понуди иновативни решенија за актуелните предизвици.
– Начинот на кој ја користиме енергијата и природните ресурси, технологиите во кои инвестираме и знаењето ќе имаат директно влијание врз нашата иднина – истакна министерката, охрабрувајќи ги студентите да продолжат да истражуваат и да бараат решенија надвор од досегашните ограничувања.
Божиновска го поздрави и воведувањето промотивни признанија за најдобрите студентски трудови, оценувајќи дека тие ќе придонесат за поврзување на академското знаење со неговата практична примена во институциите и компаниите.
Според неа, важно е студентските истражувања да добијат поголема видливост и можност за реализација, особено во областите на енергетската ефикасност, интеграцијата на обновливите извори и зголемувањето на конкурентноста на индустријата.
Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), Владимир Атанасовски, истакна дека 14-те изданија на конференцијата потврдуваат континуитет на студентската иницијатива и потреба од создавање простор за истражување, размена на идеи и активно учество на младите во дискусиите за идните предизвици.
Тој нагласи дека поврзувањето на универзитетите, институциите и стопанството е неопходно за знаењето да добие практична примена и долгорочна општествена вредност. Преку ваквите настани, студентските трудови стануваат подостапни за пошироката јавност, а младите истражувачи добиваат можност да разменуваат искуства со професионалци од различни области.
Проректорката за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Ивана Јанеска Стаменковска, посочи дека во услови на забрзана енергетска транзиција, климатски промени и дигитализација, иновативните решенија се од особено значење за одржлива и просперитетна иднина.
Таа информираше дека СКЕЕОР, која започнала како студентска иницијатива во 2013 година, досега прераснала во платформа со повеќе од 1.500 учесници и над 300 презентирани студентски трудови. Јанеска Стаменковска додаде дека УКИМ останува посветен на зајакнување на научноистражувачките капацитети, интернационализацијата и создавањето услови за активно учество на младите во технолошките и еколошките трансформации.
Претседателот на Факултетското студентско собрание на ФЕИТ, Мартин Тодоровски, им честиташе на учесниците за храброста да излезат од својата комфор-зона и да ги презентираат своите знаења и идеи пред академската заедница.
Претседателот на организацискиот одбор на СКЕЕОР, Петар Димов, истакна дека конференцијата веќе 14 години им овозможува на студентите да ја претворат својата иновативност во конкретни идеи и решенија. Тој нагласи дека младите треба не само да го следат технолошкиот напредок, туку и активно да учествуваат во решавањето на енергетските предизвици.
Во рамките на повеќедневната конференција, студентите ќе презентираат истражувачки трудови од областите на обновливите извори на енергија, телекомуникациите, автоматиката и електронските системи.
На свеченото отворање присуствуваа претставници на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, деканатот на ФЕИТ, Инженерската институција на Македонија, како и професори, асистенти и студенти од техничките факултети.
































