Фото: Принтскрин

Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, денеска на прес-конференција ги промовираше петте модули од проектот „Зелен дигитален пресврт“, насочен кон дигитализација на процесите во институцијата и зголемување на транспарентноста.

Хоџа истакна дека дигитализацијата не е само воведување софтверски решенија, туку и политичка алатка за обезбедување правда и отчетност.

– Дигитализацијата е сурова транспарентност – порача министерот, претставувајќи ги петте модули на проектот.

Првиот модул, „Зелен пресврт низ дигитализација“, опфаќа дигитална платформа на која ќе бидат достапни информациите за проектите што ги спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање.

Вториот модул, „Зелен пресврт низ дигитализација – јадро“, предвидува внатрешна дигитализација на Министерството, вклучително и на архивата и просторно-информативниот систем.

Третиот модул, „Зелен пресврт низ дигитализација – време“, е поврзан со реформската агенда на Владата.

Четвртиот модул, „Зелен пресврт низ дигитализација – земја“, претставува дигитална платформа за мапирање на дивите депонии во сите општини.

Петтиот модул, „Зелен пресврт низ дигитализација – воздух“, е наменет за субјектите што поседуваат А-интегрирана еколошка дозвола. Тие ќе треба да ги внесуваат податоците за своите емисии во согласност со критериумите утврдени во дозволата.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање најавија дека секој од модулите ќе биде дополнително претставен на посебна прес-конференција.