Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази загриженост дека евентуалната средба меѓу лидерите на САД, Русија и Кина би можела да доведе до прераспределба на сферите на влијание меѓу големите сили, без соодветно да се земат предвид интересите на помалите држави, објавија француските медиуми.
Според извештаите, се подготвува средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Шји Џјинпинг, која би можела да се одржи кон средината на следниот месец, на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК). Москва соопшти дека подготовките се во тек, а Трамп веќе изразил поддршка за идејата.
– Темите за кои Кина, Русија и САД би можеле да разговараат сè уште не се јасно дефинирани. Навистина не сакаме оваа средба да се претвори во повторување на Конференцијата во Јалта, со последователна прераспределба на сферите на влијание – изјави Зеленски.
Конференцијата во Јалта се одржала во февруари 1945 година на Крим, кога лидерите на САД, Велика Британија и Советскиот Сојуз разговарале за повоениот поредок во Европа. Таа останува симбол на влијанието што големите сили го имаат врз меѓународните односи и врз судбината на помалите држави, особено кога тие не учествуваат непосредно во донесувањето на одлуките.
Зеленски смета дека Русија има особен интерес од одржувањето на ваква средба. Москва со години бара промени во европската безбедносна архитектура, вклучително и запирање на проширувањето на НАТО кон исток, кое го оценува како закана за сопствената безбедност.
– Мислам дека Русија сака овој состанок да се одржи повеќе од која било друга земја – рече украинскиот претседател, повикувајќи да не ѝ се овозможи на Москва да оствари дополнителна дипломатска предност.
Во меѓувреме, за ноември во Обединетите Арапски Емирати е планирана средба на украински, американски и руски претставници, со цел продолжување на дипломатските напори за постигнување мир во Украина. Преговорите се во застој од почетокот на годинава.
Зеленски изрази надеж дека средбата во Абу Даби ќе се одржи пред евентуалната средба на лидерите на трите големи сили на маргините на самитот на АПЕК.
Киев, во рамките на дипломатските напори, се залага за поморски прекин на огнот со кој би се обезбедила безбедноста на извозот на украинското жито, погоден од руските напади во Црното Море. Украина, исто така, настојува да постигне договор за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура пред почетокот на зимата.
Русија, од своја страна, одбива да ги прекине непријателствата пред да биде договорен сеопфатен прекин на огнот. Разликите во ставовите остануваат една од главните пречки во напорите за постигнување договор за прекин на војната.
































