Фото: Пиксабеј

Стапката на фертилитет во Македонија изнесува 1,35 живородени деца по жена, што е речиси идентично со просекот во Европската Унија, кој во 2024 година се намалил на рекордно ниски 1,34 деца по жена. Ова го покажуваат податоците на Евростат за демографските движења.

Во Европската Унија, стапката на фертилитет во 2024 година го достигнала најниското ниво откако започнало следењето на оваа статистичка серија во 2001 година. Во изминатите две децении таа постојано била под 2,10 живородени деца по жена, што е нивото потребно за природна замена на населението во услови на ниска смртност.

Слични демографски тенденции се забележуваат и во Македонија, но податоците покажуваат значителни разлики меѓу регионите.

Највисока стапка на фертилитет има Скопскиот регион, со 1,73 живородени деца по жена. Над националниот просек се и Североисточниот регион, со 1,40, и Пелагонискиот регион, со 1,36 деца по жена.

Во останатите региони стапката е под националниот просек. Во Полошкиот и Југозападниот регион таа изнесува по 1,27 деца по жена, во Вардарскиот 1,31, а во Југоисточниот 1,30. Најниска стапка е регистрирана во Источниот регион, каде што изнесува само 1,16 живородени деца по жена.

Регионалните податоци за Европската Унија, пак, покажуваат дека од вкупно 1.165 региони со достапни статистички податоци, во 439, односно 37,7 проценти, стапката на фертилитет била под европскиот просек. Во 714 региони, или 61,3 проценти, таа била над просекот, додека во 12 региони била еднаква на просечната стапка во Унијата.

Стапка од најмалку 1,75 живородени деца по жена е забележана во 14 региони во Бугарија и Франција, шест региони во Германија, три во Словенија и по два региона во Унгарија, Холандија и Романија. Ова ниво е регистрирано и во по еден регион во Ирска, Грција, Хрватска и Словачка.

На спротивниот крај се Шпанија и Италија, каде што се забележани дел од најниските стапки на фертилитет во ЕУ. Особено ниски вредности се регистрирани во северозападните делови на Шпанија, во одредени островски региони и во поголем дел од Италија, вклучително и Сардинија.

Стапка од помалку од едно живородено дете по жена е забележана во 16 региони во Шпанија, седум во Полска, пет во Италија, три во Грција и по два региона во Германија и Литванија.

Податоците укажуваат на ниска стапка на фертилитет и во Македонија и во Европската Унија, но и на изразени регионални разлики. Додека Скопскиот регион е значително над националниот просек, Источниот регион се издвојува со најниска стапка во земјата.