Фото: МИА

Изградбата на гасниот интерконектор со Грција, подготовката на поврзувањето со Србија и техничките активности за ставање во функција на домашните гасоводни делници се дел од тековните активности за развој на гасната инфраструктура во Македонија. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) и НОМАГАС работат на подобрување на сигурноста на снабдувањето, проширување на можностите за набавка на природен гас и зајакнување на регионалната енергетска поврзаност, соопштија денеска од МЕРМС.

Најголем дел од градежните активности во моментов се одвиваат на интерконекторот со Грција, кој на македонска територија е долг 68 километри. Според проектните податоци доставени на 19 октомври, досега се испорачани 64 километри цевки, заварени се 43 километри, а 18 километри се поставени во ров. Експропријацијата на земјиштето е реализирана во обем од 97 проценти.

Договорот за изградба на интерконекторот е склучен на 7 мај 2025 година, а завршувањето на проектот е планирано за средината на 2027 година. Финансирањето е обезбедено преку инвестициски грант и договори за заеми со Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Со новото поврзување се очекува да се отворат дополнителни можности за снабдување со природен гас и да се зголеми сигурноста на националниот гасоводен систем.

Паралелно се подготвува и гасното поврзување со Србија. Предвидената делница на македонска територија ќе биде долга 23 километри. По склучувањето на договорот на 27 август 2026 година, започнати се активностите за дефинирање на трасата и проектирање. Според проектната документација, предвидено е проектот да се финансира со сопствени средства на НОМАГАС.

Во меѓувреме, се спроведуваат и технички подготовки за оспособување на веќе изградените домашни гасоводни делници. На трасите Клечовце–Неготино и Неготино–Битола се вршат сервисирање, проверки на интегритетот и сушење на системот. По завршувањето на овие активности, планирано е истите постапки да продолжат и на делницата Скопје–Тетово–Гостивар. Трите делници имаат вкупна должина од 277 километри, а техничките проверки се неопходни за нивно безбедно ставање во функција.

Од Министерството посочуваат дека проектите се наоѓаат во различни фази на реализација – од активна изградба и проектирање до техничка подготовка за употреба. Нивниот напредок, како што наведуваат, треба да се оценува врз основа на реализираните работи, исполнувањето на договорните обврски и обезбедувањето на потребните технички услови.

Осврнувајќи се на реакциите на СДСМ и Левица во врска со ребалансот на буџетот, Министерството појаснува дека буџетските усогласувања треба да се разгледуваат во контекст на намената на средствата, условите за нивно користење и реалните можности за реализација во текот на годината. Според институцијата, измените во потпрограмата „Гасификација“ не значат автоматски дека се намалуваат средствата наменети за изградба на гасоводите или дека државата се откажува од развојот на гасната инфраструктура.

Од Министерството дополнуваат дека средствата за кои претходно беше дадено образложение биле планирани за набавка и складирање природен гас за стратешки резерви. За реализација на таквата набавка, покрај обезбедувањето гас и соодветен складиштен простор, неопходен е и сигурен транспортен капацитет до земјата.

Ограничената достапност на прекуграничните капацитети за транспорт на гас преку Бугарија влијае врз можноста набавката да се реализира според првично планираната динамика. Поради тоа, од Министерството оценуваат дека буџетското усогласување треба да се разгледува во контекст на реалните услови за снабдување, а не изолирано од можностите за транспорт и складирање.

Министерството нагласува дека изградбата на гасоводната инфраструктура и обезбедувањето стратешки резерви на природен гас се поврзани, но одделни процеси, со различни финансиски и технички предуслови.

Развојот на интерконекторот со Грција, подготовката на поврзувањето со Србија и оспособувањето на домашните гасоводни делници остануваат главните показатели за тековната реализација на гасификацијата. Целта е создавање услови за побезбедно, поразновидно и посигурно снабдување со природен гас, како и за поголема поврзаност на македонскиот енергетски систем со регионалните гасоводни мрежи, се наведува во соопштението на Министерството.