Вкупно 187 јавни обвинители со право на глас денеска избираат нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). На непосредниот избор со тајно гласање учествуваат петмина кандидати – Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски.
Гласачките места се отворени од 8 до 16 часот, по што резултатите ќе бидат сумирани на јавна седница.
Изборот го спроведува комисија формирана од Советот на јавните обвинители, во чиј состав се Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.
Кандидатите ги претставија своите програми пред Советот на 13 октомври. Нивните приоритети се јакнење на истражните капацитети, борба против корупцијата и перењето пари, финансиски истраги, поефикасно постапување и поголема независност на Обвинителството.
Огласот за избор беше објавен во „Службен весник“ на 21 август годинава. Постапката се спроведува поради истекувањето на мандатот на актуелниот раководител Ислам Абази, избран во октомври 2022 година.

































